Природната слатка арома на костените ја прави оваа храна одлична за разни десерти, па може да се користи за правење вкусни колачи и торти. Бидејќи костените одлично се комбинираат со рум, чоколадо, јаткасти плодови, овошје и други намирници, можете да го збогатите ова пире само со нешто од нив, или да направите прекрасен декоративен десерт во чаша.
Овој пат ви носиме класичен рецепт за вкусно пире од костени што го сакаат сите генерации, а кое се подготвува многу лесно и брзо со само неколку состојки:
Пире од костени – есенски десерт
• 1 кг костени
•20 г бел шеќер
• 500 мл полномасно млеко
• 2 кесички ванилин шеќер
• слатка павлака или шлаг
• сечкано чоколадо или јаткасти плодови за декорација, по желба
Подготовка:
• Сварете ги костените во вода и излупете ги (најлесно се лупат додека се топли).
• Изгмечете ги костените со вилушка или во блендер додека не станат пире.
• Додадете млеко, шеќер и ванилин шеќер, па гответе на средна температура, мешајќи постојано, додека костенот не го впие млекото и додека не добиете фина, густа, хомогена смеса.
• Ако сакате поретко пире од костени, додадете уште малку млеко.
Послужете го пирето од костени во стаклени чаши или чинии за најубав визуелен ефект, богато декорирајте со шлаг, а по желба наросете со рендано чоколадо или сечкани/мелени ореви и уживајте во кремаст и богат деликатес со совршен вкус!
Ако сакате рум, а нема да им служите пире од костени на децата, слободно додадете малку пред да готвите со млеко за дополнителен вкус. Пријатно!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата