Јајцата се секојдневна храна за многу луѓе, речиси секој секогаш ги има во фрижидер, па овој пат ви пренесуваме вирален рецепт за матени јајца, кој популарно се нарекува „торнадо јајца“.
Овој тренд брзо стана популарен на Тикток поради импресивниот изглед на изматените јајца и интересната техника на подготовка. Станува збор за иновативен начин на пржење матени јајца во форма на торнадо, кој се постигнува со помош на кинески стапчиња за јадење, пренесува Index.hr.
Како да подготвите торнадо јајца?
Подготовката е едноставна, но бара малку умешност.
За почеток, загрејте ја тавата со малку масло или путер на средна температура. Во меѓувреме во еден сад скршете неколку јајца и убаво изматете ги. Кога тавата е готова, истурете ги во неа изматените јајца.
Кога на дното на изматените јајца полека ќе почне да се формира кора, време е да преминете на забавниот дел. Со помош на стапчиња за јадење, почнете да ги вртите јајцата во една насока, нежно движејќи ги јајцата кон центарот на тавата. Ова кружно движење ќе предизвика торнадото на јајцето да се формира и да почне да расте.
Додека јајцата се пржат, продолжете да ги вртите додека не ја добијат саканата дебелина и форма. Кога јајцата ќе се подготват, можете да ги префрлите во чинија и да ги послужите. Торнадо јајцата се едноставни, но импресивни и можете да додадете зачини по ваш избор, како сол, бибер или ситно сечкан зеленчук.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата