Во Њујорк живеат 384.500 многу богати луѓе (HNWI – поединци со висока нето вредност) кои поседуваат имот вреден најмалку еден милион долари. Ова значи дека Њујорк повторно го зазеде првото место на листата на 50 најбогати градови во светот, која секоја година ја објавува меѓународната фирма „Хенли и партнерс“.
Оваа бројка вклучува 818 луѓе чие богатство се мери во стотици милиони долари, како и 66 милијардери. Во новиот извештај доминираат американските градови, од кои 11 се меѓу првите 50. Сан Франциско е на второто место, со 342.000 богати луѓе, а интересно е што има уште повеќе милијардери од Њујорк – 82.
Во првите 10 се наоѓаат и Токио со 292.300 богати луѓе, Сингапур со 242.400, Лос Анџелес со 220.600, Лондон со 215.700, Париз со 160.100, Хонг Конг со 154.900, Сиднеј со 152.900 и Чикаго со 127.100. Москва е на 40-то место, со 30.000 богати поединци, вклучувајќи 23 милијардери.
Авторите на извештајот истакнуваат дека Лондон и Москва се единствените два града меѓу првите 50 каде што бројот на милионери драстично се намалил во последните десет години. Сега во Лондон има 12 проценти помалку, додека во Москва има пад од 25 проценти.
Од 50-те најбогати градови, три града забележаа најбрз раст, за повеќе од 100 проценти. Станува збор за Шенжен на 28-мо место, со зголемување од 142 проценти на бројот на милионери, кој сега има 50.800, Хангжу на 35-то место, со зголемување од 108 проценти и 32.200 милионери, како и Дубаи на 18-то место, со зголемување од 102 проценти и 81.200 милионери, вклучувајќи 20 милијардери.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата