Германскиот производител на автомобили „Мерцедес-Бенц“ објави остар пад на оперативната добивка во првиот квартал од 2025 година, наведувајќи ја слабата побарувачка во Кина и загриженоста за можните нови американски царини за увоз на возила како главни причини, објави „Анадолу“.
Прилагодената оперативна добивка за периодот јануари-март се намали за 40,7 проценти во споредба со истиот период минатата година, на 2,3 милијарди евра (2,6 милијарди долари).
Во исто време, нето добивката се намали за околу 43 проценти, на 1,7 милијарди евра (1,94 милијарди долари), според соопштението на компанијата.
Вкупните приходи од продажба се намалија за 7,41 проценти, на 33,22 милијарди евра.
Глобалните испораки на возила, исто така, забележаа пад од 3,6 проценти, на вкупно 446.300 возила, во споредба со првиот квартал од 2024 година.
„Мерцедес-Бенц“ предупреди дека оперативната добивка, слободниот паричен тек и приходите би можеле дополнително да ослабат доколку САД воведат најавени царини за увоз на автомобили, што би можело дополнително да влијае врз финансиските резултати на компанијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата