logo
logo
logo

ЦГК: Нема криза за општините, во 2020 потрошиле исто како и во 2019

Vecer | 22.06.2021

ЦГК: Нема криза за општините, во 2020 потрошиле исто како и во 2019

Осумдесетте општини и Градот Скопје изминатата 2020 година склучиле 3 454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, (129 милиони евра), односно речиси исто колку и претходната 2019 година.

Ова го покажува Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Според неа, Градот Скопје и уште 20 општини во ова а година на пандемија дури и имаат пораст на вредноста на набавките, додека намалување има кај 61 општина.

Градот Скопје има најголем вредносен скок во однос на претходната година, од 10,3 милиони евра, по што следуваат Општина Гостивар со 5 милиони евра и Аеродром со 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.

Лидерската позиција на листата на општини со најголема вкупна вредност на тендерите ја држи Град Скопје со 31 милион евра – или една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно.

Исто така, Градот Скопје и уште седум општини потрошиле половина од вкупно потрошените средства за јавни набавки.

Ако се анализира уделот на Скопје со сите општини во вкупната вредност на набавките, тоа се 45% од сите пари за јавни набавки на општините.

Но, по жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, а најмалку Шуто Оризари со само 7 евра по жител.

Просекот, пак, е 56 евра по жител.

Анализата на тоа која фирма заработила најмногу од договорите за јавни набавки, покажува дека на прво место е градежната компанија „Гранит“ АД Скопје, енергетската „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) од Скопје и градежната „Пелагонија“ од Гостивар.

Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки всушност заработиле една четвртина од вкупната вредност на набавките.

За заштита од коронавирусот, општините, без Градот Скопје, потрошиле само околу 600 илјади евра, што не е ниту еден промил од нивните буџети.

Буџетски трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 % од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година.

Но, и оваа вкупна бројка на потрошени пари од општинските буџети за заштита од КОВИД-19 од 10,5 милиони евра не ја дава вистинската слика за потрошените пари на општините за заштита од КОВИД-19, затоа што дури 10 од овие 10,5 милиони, односно 94 % од сите буџетски трошоци на општините во врска со короната се направени од Град Скопје. Тоа значи дека останатите 73 општини заедно потрошиле само 600 илјади евра што е помалку и од еден промил од нивните буџети.

Доколку, пак и од потрошените средства на Град Скопје се одземат оние што како субвенција се додадени на Јавното сообраќајно претпријатие поради неговите потешкотии во работењето, односно сума од 8,6 милиони евра, произлегува дека сите општини заедно за заштита од короната потрошиле 2,4 милиони евра, што е 0,3 % од сите општински буџети.

Најголем дел од овие средства, пак, се потрошиле за набавка на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција и за одржување на јавни површини.

Покрај Скопје, единствена друга општина со поголем износ на потрошени буџетски средства за заштита од короната е Куманово со околу 100 илјади евра. Следни, со суми од околу 50 илјади евра се Кисела Вода, Центар, Битола и Велес.

Малиот износ на буџетски трошоци за заштита од КОВИД-19, дел од општините го образложуваат со добиените донации пред се од приватни субјекти (фирми и граѓани) и Владата и други државни институции.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk