logo
logo
logo

На Германија во понеделник и се заканува целосен сообраќаен колапс

Vecer | 25.03.2023

На Германија во понеделник и се заканува целосен сообраќаен колапс

Синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и железничкиот синдикат за понеделник најавија еднодневен генерален штрајк на транспортниот сектор во Германија, кој целосно ќе го парализира железничкиот, воздушниот и поморскиот сообраќај.

Синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и синдикатот на вработените во железницата „ЕВГ“ за понеделник најавија еднодневен предупредувачки штрајк, кој ќе го зафати целиот меѓуградски железнички сообраќај, речиси целиот градски сообраќај и повеќето аеродроми.

Во штрајкот е вклучен и воден транспорт во Германија и управата на автопатот.

Сообраќаен колапс

Според податоците на Асоцијацијата на аеродроми, од штрајкот во понеделник би можеле да бидат погодени 380.000 патници, а сообраќајот се очекува да биде во прекин до средината на неделата.

Претставник на Дојче Бан (ДБ) ги повика патниците да ги одложат патувањата доколку е можно или да ги преместат на денот пред или по штрајкот. Според податоците на ДБ, продажбата на билети за недела е нагло зголемена, па се очекува густ сообраќај и ден пред штрајкот.

Со оглед на тоа што во штрајкот учествуваат и германските вработени во автопатот, се стравува од големи доцнења во понеделник поради преоптоварување, како и затворање на тунелот, кој нема да се следи поради штрајкот.

Синдикатите бараат повисоки плати, особено изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати. Синдикатот Верди бара зголемување од 10,5 отсто за 2,5 милиони вработени.

Повеќето имаат разбирање за штрајкот

Според истражувањето на германската новинска агенција dpa, и покрај големите проблеми што ги донесе штрајкот во транспортниот сектор во Германија, мнозинството граѓани го разбираат прекинот на работата.

Според истражувањето, 55 отсто од испитаниците заедничкиот штрајк на синдикатите Верди и ЕВГ го сметаат за „оправдан“ или „целосно оправдан“, а 38 отсто акцијата ја сметаат за „неоправдана“ или „целосно неоправдана“.

Истражувањето покажа дека 69 отсто од анкетираните не биле погодени од штрајкот бидејќи или не зависат од превозните средства или нашле алтернативно решение за понеделник.

Вработените или учениците по правило се должни да се појават на работното место или на училиште и покрај штрајкот во транспортниот сектор, со оглед на тоа што штрајкот беше најавен неколку дена претходно, што, според законот, овозможува да се најде алтернатива.

Критики за обемот на штрајкот

Синдикатот на германските градови и општини, кои се појавуваат во улога на работодавач во преговорите за колективните договори со синдикатот Верди, во понеделникот го критикуваше штрајкот, особено поради неговиот обем.

„Понеделничкиот штрајк добива димензии на генерален штрајк и поради неговиот обем тешко е да се зборува за предупредувачки штрајк“, рече Герд Ландсберг, претседател на Асоцијацијата на германските градови и општини, во интервју за дневниот весник Рајнише пост. .

Ландсберг го критикуваше и времето на штрајкот токму на денот кога требаше да продолжат преговорите меѓу работодавачите и синдикатите за нов колективен договор.

Укинување на забраната за сообраќај на камиони во недела

Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг им нареди на сојузните покраини да ја укинат забраната за сообраќај за камиони на германските автопати оваа недела со цел да се гарантира снабдувањето.

Германската влада инаку ги отфрли коментарите за претстојниот штрајк, нагласувајќи дека не сака да се меша во преговорите меѓу работодавачите и синдикатите.

„Правото на штрајк е едно од основните права во Германија“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт. Воедно, апелираше до учесниците во преговорите што поскоро да се најде решение за да се минимизира влијанието врз секојдневниот живот на граѓаните.

Од почетокот на годината Германија е погодена од бран штрајкови, особено во јавниот сектор, така што во неколку наврати штрајкуваа вработените во градскиот транспорт, болниците и градинките, како и персоналот на аеродромот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk