logo
logo
logo

Германија ги затвора нуклеарните централи среде енергетската криза

Vecer | 25.12.2021

Германија ги затвора нуклеарните централи среде енергетската криза

Гасната криза во Европа доминираше во медиумите во последните неколку месеци, но тоа не ја поколеба Германија во нејзината намера да стави катанец на половина од нејзините нуклеарни капацитети до крајот на оваа година и да го забрза планот за затворање на електраните на јаглен до 2030 година.

Според планот, Германија треба да затвори три нуклеарни централи пред крајот на 2021 година - Гронде, Гундреминген Ц и Брокдорф. Во земјава ќе останат активни три реактори, кои ќе бидат „пензионирани“ до крајот на следната година.

За енергетската безбедност на Германија, тоа може да биде катастрофа, пишува специјализираниот енергетски портал oilprice.com.

Посветеноста на Германија за зазеленување на националната енергетска мрежа е благородна, но се чини дека ова е најлошиот можен момент, бидејќи исклучувањето на три нуклеарни централи од мрежата ќе биде дополнителен товар за националната индустрија за електрична енергија за да ги задоволи економските потреби и растечката побарувачка за електрична енергија во 2022 година, особено во зимските месеци, се наведува во анализата.

Дополнително, поради недостигот на гас, цените на тој енергенс за испорака во јануари, оваа недела го урнаа рекордот на сите времиња од над 2.000 американски долари за илјада кубни метри, што, логично, доведе до силен скок на цената на струјата за крајните потрошувачи.

Сепак, зголемувањето на цените на струјата и природниот гас не ја одвратија Германија од нејзините зелени амбиции, а тоа може да има поголеми последици отколку што многумина мислат, смета авторот на текстот Жилиен Гајгер.

Важноста на јагленот и нуклеарната енергија, од кои Германија сега „крева раце“, порасна оваа година, добивајќи поголем дел од вкупниот енергетски микс на земјата од 2020 година, а една од главните причини е помалата брзина на ветерот и зголемената побарувачка за енергија и вода, BDEW.

Јагленот и нуклеарната енергија учествуваа со 40% од вкупниот енергетски микс во 2021 година, додека учеството на обновливите извори на енергија падна на 41%.

Во 2011 година, германските власти наредија итно затворање на осум од 17-те реактори по катастрофата во Фукушима и повеќегодишните антинуклеарни протести.

Владата во Берлин тогаш вети дека ќе ги укине нуклеарните централи до 2022 година.

Што се однесува до јагленот, властите на германските сојузни покраини се согласија постепено да го укинуваат јагленот до 2030 година, што е порано од претходниот план кога рокот беше 2038 година.

Само овие два потези ја ставаат Германија, која нема доволно енергија, во несигурна позиција.

Но, тоа не е се. Земјата, исто така, има намера да го затвори природниот гас, со планови да го прекине производството на гас до 2040 година.

Во моментов, половина од сите германски домаќинства се греат на природен гас.

До 2026 година во Германија ќе стапи на сила забраната за поставување грејни инсталации на секаков вид нафтени деривати во новите станбени згради во корист на топлинските пумпи кои ќе се снабдуваат со електрична енергија од мрежата.

Тоа ќе биде истата мрежа која во моментов мака мачи да ги снабдува граѓаните со струја и истата мрежа која во моментов се потпира со 40% на нуклеарна енергија и енергија од јаглен, од која ќе се откажат.

Нуклеарната енергија послужи како прилично сигурен додаток за обновливите извори на енергија, зависни од каприците на ветерот и сонцето, а чии прекини во снабдувањето се појавија на виделина повеќе од кога било оваа година, стои анализата на порталот oilprice.com.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk