Според податоците, зголемувањето на работата на далечина е поврзано со глобалната енергетска нестабилност и порастот на цените на горивата, што придонело дел од работната сила и работодавачите да се ориентираат кон работа од дома. Учеството на вработени кои работат од далечина пораснало од 23 проценти во 2023 година, на 24 проценти во 2024 година и 25 проценти во 2025 година.
Во споредба со периодот пред пандемијата, кога во 2019 година само околу 13 проценти од вработените повремено работеле од дома, се забележува значителен долгорочен пораст на флексибилните форми на работа. Сепак, податоците покажуваат дека само мал дел од вработените кои работат од далечина ја извршуваат работата целосно од дома, додека голем број комбинираат работа од канцеларија и од дома.
Највисоко учество на работа од далечина е забележано во секторите за информатичка технологија, деловна администрација и консалтинг, додека во угостителството, малопродажбата и сличните дејности овој облик на работа останува ограничен.
Во рамките на Европската Унија, Германија се наоѓа нешто над просекот, кој изнесува околу 23 проценти. Највисоки стапки се регистрирани во Холандија, Шведска и Луксембург, додека најниски се во Романија и Бугарија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата