Најновата анализа на Асоцијацијата за е-трговија, заснована на официјалните податоци од Народната банка, открива фасцинантен тренд: македонските граѓани имаат пари и сè повеќе ги трошат на глобалниот онлајн пазар. Во текот на 2025 година, остварена е рекордна потрошувачка во странство од дури 427,8 милиони евра преку вкупно 12,4 милиони трансакции.
Она што најмногу паѓа во очи е огромниот скок во куповната моќ, вредноста на онлајн купувањата пораснала за неверојатни 50% во однос на претходната година, додека бројот на трансакции е зголемен за 69%. Овие бројки јасно покажуваат дека граѓаните се сè поактивни на меѓународните платформи и располагаат со средства кои ги насочуваат надвор од домашните граници.
Најголем дел од овие пари се наменети за услуги поврзани со патувања. И покрај економските предизвици, Македонците најмногу плаќале за авиобилети и хотелски резервации. Иако најавената енергетска криза и поскапувањето на авионските горива во 2026 година можеби ќе ги принудат граѓаните да размислуваат за поблиски дестинации, податоците за изминатата година потврдуваат дека патувањата биле апсолутен приоритет.
Просечната вредност на една трансакција изнесувала 34 евра, што е за 11% помалку од претходно, но тоа укажува дека граѓаните купуваат почесто и помали нешта, интегрирајќи ја е-трговијата во секојдневието. Географски, доминацијата е јасна, дури 74% од вкупната потрошена сума завршила во земји како Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, САД и Германија, каде што се регистрирани најголемите светски сервисни и туристички платформи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата