Европа воведува нови технички прописи што ќе ги отстранат постарите автомобили од патиштата, особено дизелите без DPF филтри, што ќе ги стави многу сопственици пред тешка финансиска одлука.
Европа најави драстични мерки кои директно ги таргетираат автомобилите постари од 10 години, особено дизелите. Бриселските власти ја оправдуваат оваа иницијатива со потребата од намалување на сообраќајните несреќи и загадувањето, но реалноста за сопствениците на постари возила може да биде финансиски катастрофална.
Новите правила воведуваат построги технички тестови, со посебен фокус на автомобили без филтри за честички (DPF), од кои има милиони на европските патишта. Овој потег е дел од поширока стратегија за постепено елиминирање на постарите возила од сообраќајот, без оглед на нивната фактичка состојба и одржување.
Во некои земји од ЕУ, веќе е задолжително сите автомобили постари од една деценија да се подложат на годишен технички преглед, заедно со евиденција за километражата. Интересно е што дури и Германија, позната по ригорозни технички проверки што ги надминуваат бриселските стандарди, не инсистира на годишни инспекции, туку ги организира на секои две години.
Германските експерти ги отфрлаат предложените мерки
Германските експерти остро го критикуваа европскиот предлог, оценувајќи го како непропорционален и прескап, особено за добро одржувани постари возила. Тие сметаат дека Брисел погрешно пристапува кон проблемот со сообраќајните несреќи, оптоварувајќи ги сопствениците наместо да ги решава суштинските проблеми.
Најконтроверзниот дел од објавените регулативи се однесува на возила без DPF филтри или оние од кои овие филтри подоцна биле отстранети. Современите филтри за честички обично се регенерираат сами за време на долги возења, но градското возење е вистински предизвик за дизелите со Euro 5 и Euro 6, што доведува до нивно абење по 150.000-200.000 километри.
Заменувањето на DPF филтерот може да чини до 2.500 евра, поради што многу сопственици посегнуваат по алтернативни решенија како што се чистење, „дупчење“ или целосно отстранување од издувниот систем. Проблемот за регулаторите е што сегашните тестови за техничка исправност не ја мерат ефикасноста на овие компоненти или честичките во издувните гасови.
Практично е невозможно Европската Унија да го утврди точниот број на возила без функционални DPF филтри без демонтирање на издувните системи, што не е ниту дозволено ниту изводливо за време на стандардните инспекции.
Доколку се усвојат предложените мерки, милиони сопственици на дизел-мотори ќе се соочат со тешка одлука - да платат за скапи поправки или да се збогуваат со своите автомобили. Иронично, многу од тие возила веројатно ќе завршат во Источна Европа и на Балканот, со што само ќе го преместат проблемот со загадувањето.
Оваа ситуација јасно покажува дека европската еколошка агенда е особено тешка за граѓаните со помала куповна моќ, кои не можат да си дозволат нови, поеколошки автомобили.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата