Правото да се побара референдум е уставно загарантирано, но проектот за рудникот за антимон кај Луке е стратешки за државата и за локалното население и е дел од билатералната соработка со Соединетите Американски Држави, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Мицкоски посочи дека секоја иницијатива за референдум мора да се спроведе согласно законските процедури, но изрази зачуденост од, како што рече, различните ставови во рамки на СДСМ по ова прашање.
– Ме зачудува фактот дека градоначалникот на Крива Паланка, кој е од редовите на СДСМ, има сосема спротивно мислење од овој став на раководството на СДСМ, бидејќи јас честопати комуницирав со него, вклучително и денеска. Можев да се уверам дека неговиот ставот е сосема спротивен, дека прво овој проект е дел од нашата соработка со Соединетите Американски Држави, финансиран делумно од САД – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека проектот, доколку се реализира, ќе мора целосно да ги исполни уставните и законските услови, особено во делот на заштитата на животната средина, за што, како што рече, гарантираат и тој и инвеститорите.
Мицкоски оцени дека станува збор за инвестиција со значаен економски бенефит за регионот и населението, посочувајќи дека областа е типично рударско подрачје и дека проектот е стратешки и за државата и за локалната заедница.
Во тек се геолошки истражувања во рударскиот реон Луке-Караманско во Кривопаланечкиот Регион, каде што има полиметалични наоѓалишта, вклучително и на ретката руда антимон. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека концентратот од македонскиот антимон ќе се дистрибуира до топилница во Оклахома, САД.
– Рудата антимон ќе се експлоатира близу до кривопаланечкото село Луке. Тоа е редок минерал, кој може да значи многу за нашата економија. Истражувањата се прикрај. Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Тоа е нешто што е многу важно за нашата држава и за нас како граѓани – информираше премиерот Мицкоски.
Деталните геолошки истражувањата ги прави австралиската компанија „Пела рисорсис“. Директор е Австралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма што работи на проекти за рударството и обновливата енергија низ Југоисточна Европа.
Инаку, на страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија се унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон, во Крстов Дол кај Крива Паланка, и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
– Во блиска иднина би можело да се обнови производството на концентрат од антимон во рудникот „Крстов Дол“, со потенцијал да стане една од најголемите рударски операции за антимон во светот – се наведува на страницата на компанијата.

Рудникот „Крстов Дол“ е историски рудник за антимон што бил затворен во 1981 година, поради ниските цени на минералот.
Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој воедно е и заменик- претседател на Македонското геолошко друштво, вели дека нема многу податоци за овој рудник, освен дека не работи веќе 50 години и дека пред половина век таму се ископувал стибнит (Sb2S3), кој е сулфат на антимоновата руда. Според него, експлоатацијата е исплатлива ако има над 10 % концентрат од антимоновата руда.
– Пред половина век, во Крстов Дол се вршела подземна експлоатација на рудата, а на 100 метри од рудникот била постројката за флотација. Според непроверени информации, во Крстов Дол се носела руда од рудникот „Алшар“ на планината Кожуф, кај селото Мајден, Кавадаречко, а молибден се носел од рудник во Турција, сè со цел зголемување на концентрацијата – вели Димов.
Сепак, ако се отвори страницата на „Пела глобал лимитед“, пишува дека е значајно што рестартирањето на рудникот „Крстов Дол“ е првиот проект за антимон регистриран во рамките на Партнерството за безбедност на минерали.
Извештајот со наслов „Пресметка на рударските резерви на Sb (антимон) за рударската концесија Крстов Дол – Крива Паланка“ е одобрен од југословенските власти, во 1984 година. Во него формално се документирани историските резерви и ресурси на руда во согласност со †GKZ класификацискиот систем на државната Комисија за минерални резерви (Gosudarstvennaya Komissiya po Zapasam Poleznykh Iskopaemykh – GKZ), кој се користи во Русија и во повеќе постсоветски земји.
– Иако претходно биле експлоатирани околу 50.000 тони руда, извештајот наведува дека историскиот ресурс е од категоријата D1 од 2.916.000 тони, заедно со неистражените паралелни структури, претставуваат ветувачки цели за истражување, со потенцијал за надградба и попрецизно дефинирање преку дополнително дупчење и истражувачки активности – пишува на страницата на компанијата.
Оттаму посочуваат дека во оваа фаза, количината и квалитетот се концептуални по природа и нема доволно истражување за да се процени минерален ресурс. Сè додека не се завршат планираните истражувања и верификацијата, неизвесно е дали ќе доведат понатамошните истражувања до процена на минерален ресурс.
Се посочува дека е развиен и е започнат сеопфатен план со цел повторно активирање на рудникот „Крстов Дол“ и производство на комерцијален концентрат од антимон. Програмата за валидација на резерви вклучува 25.000 метри дијамантско јадрово дупчење со цел да се потврдат и прошират историските резерви и ресурси класифицирани според GKZ, во согласност со JORC-кодексот.
Иако рудникот останал во голема мера непроменет од затворањето во 1981 година, од компанијата сметаат дека се потребни развојни активности за безбедно повторно воспоставување на рударските операции и пристап до подземната минерализација, како и проектирање и изградба на целосно нова постројка за преработка.
Планот за рестартирање вклучува и процена на социјалните и еколошките влијанија за да се осигури дека развојот на рудникот е во согласност со меѓународно признатите стандарди и ги зема предвид потребите на локалната заедница. Компанијата истражува можности за користење на обновливата соларна енергија за долгорочно и одржливо снабдување со електрична енергија.
Антимонот е сјаен сив металоид, а во природата се наоѓа претежно во сулфидниот минерал стибнит. Соединенијата на антимонот се познати од антиката и се користеле во прашест облик во медицината и козметиката, често познат под арапското име кол. Во употреба бил и металниот антимон, но погрешно го препознале како олово по неговото откривање.
Одреден период, најголем произведувач на антимон и на неговите соединенија е Кина, при што најголемото производство е од рудникот „Ксихуаншен“ во Хунан. Индустриските методи за рафинирање на антимонот се печење и редукција со јаглен или директна редукција на стибнитот со железо.
Најголемата примена на металниот антимон е легурата со олово и калај и оловно-антимонските плочи во акумулаторите. Легурите на олово и калај ги подобриле својствата на лемилата, куршумите и на лизгачките лагери. Соединенијата на антимонот се главна состојка во хлорните и бромските придушувачи на оган, кои имаат секојдневна употреба како стопански и домашни производи. Новата примена на антимонот е во микроелектрониката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата