Градежната компанија „Гранит“ како подизведувач на автопатот Кичево - Охрид преку Македонска берза објави дека ќе добие уште 80 милиони евра со два нови анекси за доизградба на автопатот Кичево - Охрид.
„Гранит“ му е подизведувач на кинескиот Синохидро, со кого како изведувач во март државата потпиша нов анекс за доизградба на автопатот од Коридор 8 во висина од дополнителни 186 милиони евра.
„Согласно член 33 од правилата за котацијаизвестувамедека ГД ГРАНИТ АД Скопјесклучи Анекс бр.8 на Подизведувачкиот Договор за градежни работи бр.KO/SC/2014/001 со Изведувачот Синохидро Подружница СкопјезаСекција 1 на автопат Кичево – Охрид на износ од 28.844.414 ЕУР со краен рок на завршувањенаработитедо 30.04.2027 година, како и Анекс бр.8 на Подизведувачкиот Договор за градежни работи бр.KO/SC/2014/002со Изведувачот Синохидро Подружница СкопјезаСекција 2 на автопат Кичево – Охрид на износ од 51.395.969 ЕУР со краен рок на завршувањенаработитедо 30.04.2027 година“, објави „Гранит“.
Со осмиот анекс на договорот треба да се овозможи дозaвршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, а краен рок за завршување е 31 мај 2027 година. Од „Државни патишта“ како инвеститор рекоа дека новиот анекс и дополнителните пари се потребни заради непредвидени и дополнителни нови градежни работи кои се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.
„Потребна е санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, еластична одбојна ограда со примена на EN 1317 Стандард, изградба на контролен центар, како и дополнителните работи за изградба на паралелни патишта. Со ова се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности“, рекоа тогаш од Јавното претпријатие Државни патишта.
Делницата долга 57 километри почна да се гради пред 12 години. До крајот на минатата година за овој проект се потрошени речиси 558 милиони евра. Досега во сообраќај се пуштени околу 40 километри од автопатот, вклучувајќи ги потезите од Врбјани до Ботун и од Климештани до Охрид. Со новото продолжување од 151 ден, изведувачот се обврзува комплетно да ја заврши делницата која е во изградба повеќе од една деценија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата