Велика Британија ја национализираше „Бритиш Стил“ за да ја заштити иднината на домашното производство на челик, објави владата, со што се заврши преземањето на компанијата што до неодамна беше во кинеска сопственост.
Национализацијата на „Бритиш Стил“ беше неопходна за да се заштитат националните интереси на Велика Британија, нагласи владата во соопштение за медиумите.
– „Бритиш Стил“ е дел од идентитетот на нашата нација и основа на британската индустриска моќ. Денешната одлука ја обезбедува иднината на производството на челик во Велика Британија, ги штити квалификуваните работни места и го штити виталниот национален капацитет – рече премиерот во заминување Кир Стармер.
Во април минатата година, владата ја презеде оперативната контрола врз „Бритиш Стил“ од нејзините кинески сопственици, групацијата „Џингје“, за да спречи затворање на челичарницата „Сканторп“ во северна Англија и да заштити 2.700 работни места во самата фабрика и уште илјадници во синџирот на снабдување.
Последната челичарница во Велика Британија ги снабдува железничките, градежните и автомобилските индустрии, но во последниве години се соочи со високи домашни трошоци за енергија и прекумерна понуда на челик на глобалниот пазар.
Во мај оваа година, премиерот Стармер објави дека владата, по неуспешното барање купувач, ќе донесе закон што ќе овозможи преземање на „Бритиш Стил“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата