Ограничувањата на Европската Унија за финансирање на кинески инвертери за соларни и ветерни централи би можеле да го забават или дури и да го сопрат развојот на проекти за обновливи извори на енергија. Поточно, тие би можеле да го забават или сосема да го сопрат развојот на проектите за обновливи извори на енергија во посиромашните земји-членки кои се потпираат на фондовите на ЕУ, предупредија денеска 36 енергетски компании и инвеститори.
Европската комисија во мај ја забрани употребата на европските фондови за набавка на споменатите компоненти од земји кои се сметаат за високоризични, вклучувајќи ја и Кина, повикувајќи се на безбедносни ризици, пренесе Ројтерс. Кина во моментов обезбедува околу 70 отсто од европскиот пазар на инвертери, кои претставуваат клучна компонента за соларните, ветерните и батериските системи.
Во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставниците на индустријата наведоа дека европските производители во моментов немаат доволно капацитет да ја надоместат кинеската понуда, што ги зголемува трошоците, ги одложува проектите и го забавува донесувањето на инвестициските одлуки, особено во земјите од Централна и Источна Европа.
Според проценките на консултантската куќа „Вуд Мекензи“, меѓу 2026 и 2030 година ограничувањата би можеле да влијаат на околу 14 отсто од соларните проекти и 12 отсто од проектите за складирање енергија во Европа, при што меѓу најизложените се Романија, Чешка и Грција.
Претставниците на компаниите предложија Европската Унија, наместо да го ограничува увозот на кинеска опрема, да воведе регулативи со кои ќе се оневозможи далечински пристап на производителите до инвертерите по нивното вградување во европската електроенергетска мрежа.
Сепак, одредени официјални претставници на Унијата сметаат дека таквиот пристап нема да обезбеди доволна заштита од потенцијалните безбедносни закани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата