Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска од Софија за време на пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Бугарија-Грција најави интерконектор помеѓу Македонија и Србија.

– Ќе изградиме интерконектор меѓу нас и Северна Македонија, за да можеме да се поврземе на таа линија ТАП. Размислуваме и за други проекти, нови гасоводи на територијата на Србија и нафтени линии, затоа што гледам дека многумина се фалат како ни прават голема услуга, па да го диверзифицираме и тоа, за да ја носиме нафтата преку други извори, не само преку Хрватска, рече тој.

Додаде дека во моментов енергетската ситуација е тешка.

– Не криев, иако Урсула фон дер Лајен беше пооптимист. Видовте дека барав пред сите и земји од Западен Балкан да добијат средства за покривање на огромните цени на струјата што ги плаќаме. Само благодарение на добрата состојба на нашите финансии ќе ја преживееме оваа зима. И што ќе правиме следната зима? Се трудиме и работиме, ќе зборувам повеќе за тоа на 8 октомври – најави тој.

Тој рече дека Бугарија сега ќе има многу подобра ситуација бидејќи ќе добива течен гас од Грција и Азербејџан.

– Бугарите добро си ја вршат работата. Што се однесува до нас, се е важно. Не знаев дали да плачам или да викам кога видов што се случи на Северен тек 2. Сега замислете тоа да се случи некаде во Црното Море, и ќе останеме без гас. Замислете да не го изградивме гасоводот што го имаме, ќе можевме уште сега да им кажеме на луѓето дека нема да имаат струја 12 часа дневно – рече Вучиќ.