logo
logo
logo

Вучиќ и косовската претседателка Османи избегнуваа и да се погледнат на самитот во Молдавија

Vecer | 01.06.2023

Вучиќ и косовската претседателка Османи избегнуваа и да се погледнат на самитот во Молдавија

При пристигнувањето во Молдавија, на состанокот на Европската политичка заедница, формат кој собира околу педесетина европски лидери, Вучиќ и Османи не се погледнаа ниту кога стоеја на неколку метри. Двете страни се под меѓународен притисок да ја решат последната од серијата кризи меѓу двата главни града.

Неколку десетици војници на КФОР, силите на меѓународната заедница под раководство на НАТО, беа повредени во понеделникот попладне во судир со српски демонстранти во општина Звечан на северот на Косово. Српските демонстранти, меѓу кои има и неколку десетици повредени, се спротивставија на доаѓањето на градоначалниците Албанци во општините по изборите, кои беа бојкотирани од Србите.

Османи рече дека Белград се обидува да го дестабилизира Косово бидејќи не може да се справи со прогласувањето независност од Србија во 2008 година. „Сите разбираме дека вистинската закана всушност доаѓа од одбивањето на Србија да го признае постоењето на Косово како суверена држава“, рече таа.

Таа го обвини Вучиќ за поддршка на криминалните банди на северот на Косово со мнозинско српско население, кои се одговорни за повредување на силите на НАТО и српските демонстранти. „Претседателот Вучиќ треба да престане да ги поддржува криминалните банди на Косово. Тоа треба да го направи ако навистина сака мир. Само треба да го покаже тоа“, продолжи Османи.

Србија ги отфрла тие обвинувања, а Вучиќ во Молдавија бил помирен во реториката од Османи. Тој рече дека косовските власти мора да ги повлечат „наводните градоначалници“ од северот и потврди дека косовските специјални сили се таму илегално.

„Србија ќе направи сѐ што може за да ја деескалира ситуацијата, што значи дека ќе се обидеме да ги убедиме Србите да продолжат мирно да живеат“, рече тој. Србите на северот на Косово бараат имплементација на договорот од 2013 година со посредство на Европската унија, кој предвидуваше создавање на заедница на автономни српски општини на северот.

Османи и Вучиќ денеска одделно ќе се сретнат со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц. Нема индикации дека ќе се сретнат заедно. Вучиќ рече дека не знае кој од претставниците на Косово доаѓа на средбата.

Движечка сила зад операциите на специјалните единици на север, одржани на денот кога Вучиќ организираше митинг на своите приврзаници во Белград, е косовскиот премиер Албин Курти. Поради ова, меѓународната заедница го критикуваше, вклучително и САД, долгогодишен сојузник на Косово. Сепак, Османи пристигна на средбата и најави разговори со „европските лидери кои се за мир, стабилност и владеење на правото“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk