Премиерот на Албанија, Еди Рама, ги обвини шефовите на држави на Европската унија за блокирање на пристапот на Албанија и Македонија во унијата, пренесува приштинскиот портал „Економија онлајн“.
Во интервју за германскиот весник „Билд“, Рама рече дека „ЕУ ги прекрши своите ветувања и води неединство меѓу народите на Балканот со политички цинизам, како во приказната „Чекајќи го Годо“.
- Само се зборува, но ништо не се случува! Тоа беше долго негувана амбиција на нашите нации, Албанија и Македонија да се приклучат на Европската унија и со тоа да им овозможат на нашите граѓани да имаат корист од пазарот - рече Рама, додавајќи дека е свесен дека ниту Албанија, ниту Македонија не се целосно подготвени да се приклучат ЕУ.
- Постојат многу барања што мора да ги исполниме за да станеме членки. Но, нашите две земји, Албанија и Македонија, исполнуваат се повеќе и повеќе неопходни услови за вистински да го започнат преговарачкиот процес со Брисел. Самиот Совет на ЕУ одлучи за таков почеток на преговорите во 2018 година - рече Рама.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата