Портпаролот на Општинскиот суд во Дубровник, Влахо Бошковиќ изјави дека Жупанискиот суд во Дубровник делумно ја променил одлуката на првостепениот суд.
„Решението е сменето, укината е кауцијата и мерките за претпазливост, а со решението се потврдува притворот за обвинетата. Одлуката сега е правосилна и судот ќе ја преиспитува на секои два месеци, односно при продолжување на притворот. Сега следен чекор во постапката е потврдување на обвинението кое е закажано за неколку дена ќе ѝ се суди по итна постапка“, рече Бошковиќ.
Братот и сестрата Стјепан (21) и Катарина (19) Ѓерек ги загубија животите во сообраќајна несреќа на 9 април 2024 година во месноста Ратац меѓу Дубровник и Слано, предизвикана од албанската државјанка Клевиса Имери (29). Имери е уапсена веднаш по излегувањето од болницата во Дубровник и ѝ е одредена мерка притвор од еден месец, кој во меѓувреме е продолжен, пишува Индекс.
На 9 мај, Општинското државно обвинителство (ОДО) во Дубровник поднесе обвинителен акт против Имери за сторено кривично дело против безбедноста во сообраќајот, односно предизвикување сообраќајна незгода. Во обвинението се предлагаше продолжување на притворот поради опасност од бегство и ризик од повторување на делото.
На 10 јули советот на Општинскиот суд во Дубровник ѝ го продолжи притворот на Клависа поради опасност од бегство и определи гаранција од 70.000 евра и изрече мерки на претпазливост. Предлогот за продолжување на притворот не беше прифатен поради опасност од повторување на делото, поради што два дена подоцна беше поднесена жалба.
Поради можност за ослободување со кауција, на 20 јули се одржа протест пред судот во Дубровник. Се собраа околу стотина членови на поширокото семејство, пријатели и сограѓани од долината на Неретва и Дубровник, носејќи бројни транспаренти и маици со ликот на загинатите Стјепан и Катарина. Семејството покрена и петиција на интернет со која се бара „Правда за Ката и Стипе“.
Жупанискиот суд во Дубровник на 23 јули требаше да одлучи за правосилноста на одлуката на Општинскиот суд, но поради значителни повреди на кривичната постапка, предметот го врати на повторна постапка.
На 24 јули, Општинскиот суд во Дубровник повторно донесе решение со кое се отвора можност за ослободување со кауција и мерки на претпазливост, а во вторник, пред одлуката на Жупанискиот суд, беше одржан втор протест на семејството и пријателите на починатите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата