Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит извести пред Советот за безбедност на ОН дека земјата не го искористи моментумот постигнат на почетокот на годината на патот кон европската интеграција и сега заостанува зад другите земји во регионот, додека во исто време се соочува со познати предизвици како што се сецесионистичките закани.
Ова е наведено во последниот редовен шестмесечен извештај што високите претставници го испраќаат во Обединетите нации од 1996 година. Извештајот треба да биде тема на расправа на седницата на Советот за безбедност во ноември.
Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) се уште го нема објавено извештајот, но дел од неговата содржина ја пренесоа медиумите во БиХ, истакнувајќи дека Шмит ја гледа политичката ситуација во земјата како „измешана“, бидејќи стимулациите од ЕУ силно влијаат на процесот на европска интеграција, но БиХ не е во состојба да го искористи во целост поради однесувањето на нејзините политичари.
Со ова тој јасно алудираше на фактот дека по март, кога Европскиот совет го одобри отворањето на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, поради политички конфликти, во земјата не беа спроведени натамошни реформи, а сите партии се концентрираа на кампањата за локалните избори одржани на 6 октомври.
Во својот извештај до Советот за безбедност на ОН, Шмит ги истакна „континуираните обиди“ за поткопување на Дејтонскиот договор, нарекувајќи ги властите на Република Српска, односно претседателот на тој ентитет, Милорад Додик, најодговорни за сецесионистичката реторика.
Шмит го гледа целосното почитување на Дејтонскиот договор и процесот на европска интеграција како процеси кои меѓусебно се надополнуваат и се единствените кои можат да обезбедат постојана стабилност на БиХ.
-Босна и Херцеговина е на крстопат да ја искористи или да ја изгуби можноста претставена како кандидатура за ЕУ, заклучи Шмит.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата