logo
logo
logo

Маскирани членови на „Златна зора“ упаднале на изложба на македонски уметник во Солун

Vecer | 27.04.2023

Маскирани членови на „Златна зора“ упаднале на изложба на македонски уметник во Солун

За среќа освен вербално, Андреевски не бил физички нападнат, интервенирала и полиција, но нема детали дали некој бил приведен. За инцидентот од „Златна зора“ самите се пофалија со видео снимка проследена со драматична музика на која се гледа како групата маскирани влегуваат во просторот и вербално го нападнаа уметникот Андреевски, за кого, како што велат, успеале да го примораат да ги отстрани своите дела од галеријата.

На снимката од Златна зора се извадени и ФБ статуси на Андреевски на кои уметникот ја најавува својата изложба во Солун, а со црвена боја се заокружени негови фотографии на кои се гледа знамето од Вергина, како и фотографија на која Андреевски е сликан со македонското државно знаме и порака „Навиваме за Македонија“.

- Немаш право да бидеш тука, ова е јавен грчки простор! Треба да се засрамиш! Ние имаме роднини и претци кои ги жртвуваа животите за грчка Македонија, а ти се осудуваш да дојдеш тука и да го славиш масакрот на Грците на своите профили. Имаш обврска да се извиниш, ако сакаш да останеш тука. Никогаш не си го користел ова? Ова е од твојот личен профил! Можеш да бидеш Словен или Грк. Не постои Македонец што не е Грк! Ова е крај!

Инцидентот го вклучи алармот кај македонските и грчките власти. Од македонското МНР велат дека ја повикале грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која и формално ќе ѝ бидат пренесени очекувањата од грчките власти дека ќе ги преземат сите мерки за откривање на сторителите.

- Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот. За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи, наведува МНР.

Златна зора како политичка партија беше дел од грчкиот парламент во периодот од 2012 до 2019. Со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација, а нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворски казни. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk