Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил,синоќа како гостин на телевизијата Њузмакс Балканс оцени дека „Србија очигледно се врти кон Запад“ и дека „сака да верува дека САД и Србија добро се разбираат“, дека тие работат заедно на прашања „не само меѓу двете земји, туку и со другите земји“.
Хил рече дека е исклучително важен и фактот што Србија ја поддржува Украина во борбата против руската инвазија и дека тоа „многу ја разјасни ситуацијата во последните години“.
„Мислам дека Србија е на вистинскиот пат и ние секако ги споделуваме и поддржуваме аспирациите на Србија за членство во Европската унија“, рече Хил, кој на амбасадорската позиција беше назначен од администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден.
Прашан за можна промена на американската политика кон Србија, со оглед на промената на власта, Хил рече дека изборите во САД се одржуваат на секои четири години и дека Америка „често ги менува“ владите, но дека Србија и САД, според неговото верување, имаат „некои заеднички интереси кои не се менуваат со администрацијата“.
„Мислам дека ги насочивме американско-српските односи во многу позитивна насока и очекувам тие да станат уште подобри“, рече Хил.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата