Во Хрватска денеска продолжи серијата анонимни дојави за поставени бомби, а овој пат цел беа училиштата на подрачјето на Приморско-горанската жупанија. Поради сериозноста на заканите, извршена е итна евакуација на учениците, додека полициските екипи веќе се на терен и вршат проверки.
Според информациите потврдени од началничката на Управниот оддел за образование на жупанијата, повеќето директори на средните училишта утрово при пристигнувањето на работа биле пречекани од застрашувачка порака во нивните електронски сандачиња. Во мејлот било наведено дека во објектите се поставени два килограми од експлозивот пентаеритритол тетранитрат (PETN).
Како што пренесува риечки „Нови лист“, заканите не се ограничени само на Риека. Покрај риечките средни училишта, истите пораки ги добиле и образовните установи во Опатија, Цриквеница и Чабар. Надлежните служби апелираат на смиреност додека траат деталните прегледи на објектите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата