Босна и Херцеговина се соочува со ризик да изгуби дополнителни 373,9 милиони евра од фондовите на Европската Унија во рамките на Планот за раст, доколку итно не ја забрза имплементацијата на реформите. Ова сериозно предупредување го упати европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Во официјалното писмо испратено до претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, комесарката Кос посочува дека земјата сè уште не ги исполнила потребните услови за исплата на средствата. Причината за ова е недоволниот напредок во спроведувањето на зацртаната Реформска агенда.
„Доколку потребните правни и институционални услови не бидат исполнети во претстојните месеци, тоа би довело до губење на износ до 373,9 милиони евра“, се наведува во писмото на Кос.
Европската комесарка дополнително предупреди дека досегашниот напредок на земјата не го достигнал нивото на амбиција и итност што се бара од Брисел. Поради ова, Босна и Херцеговина во овој момент не се смета за подобна за исплата на европските средства, што дополнително ја комплицира нејзината економска и интеграциска позиција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата