logo
logo
logo

„ДАЛИ ЗНАЕТЕ ДЕКА НА ДЕТЕТО МУ ТРЕБАЛО ПОМОШ?“ Мајка на девојче убиено во белградското училиште им се обрати на родителите на детето-убиец

Vecer | 23.05.2023

„ДАЛИ ЗНАЕТЕ ДЕКА НА ДЕТЕТО МУ ТРЕБАЛО ПОМОШ?“ Мајка на девојче убиено во белградското училиште им се обрати на родителите на детето-убиец

Нина Боровиќ Кобиљски, мајката на девојче убиено во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар, им се обратила на родителите на момчето убиец (13). Нејзината потресна порака која ја објави на социјалните мрежи ја пренесуваме во целост.

„До родителите на нелекувано момче

....ако некогаш не барате и сакате да кажете: „Простете ве молиме, не знаевме подобро и многу ни е жал...“

Знаете, ние веќе не веруваме во земската правда... Но, се трудиме да продолжиме да веруваме во хуманоста и во вистината... Верувам дека добро ви е познато дека нашето одделение VII/2 беше исклучително одделение, не затоа што беше составено од одлични ученици, туку затоа што беа добри деца и добри пријатели еден на друг. Насмеани одеа на училиште и се враќаа задоволни.

 

 

Се сеќавате дека нашите деца беа заедно во јазичен камп во Франција... Па, добивавме видеа како пеат покрај камин, си играат на тематски вечери и одат на патувања... Знаете и дека сите заедно играа карти и се смееја во собите до доцна во ноќта. Како да не знаете, кога со благодарност му се јавивте на класниот раководител и му се заблагодаривте што вашиот син беше толку добро примен од неговите пријатели во новиот клас во кој избравте да го префрлите. Им беше убаво, но во исто време им беше чудно зошто едно дете спие свиткано во фотелја, наместо во кревет, иако на располагање има цела двокреветна соба?! Дали знаете дека на тоа дете му била потребна помош од вас родителите и од стручни лица? Трагедијата што ни се случи е толку страшна, болна и незамислива што секојдневно се мачиме да дишеме. Мислите кои ќе не прогонуваат до крајот на животот се: Зошто не му помогнавте?! Зошто го трениравте на стрелиште и кај него развивате и негувате такви страшни вештини за стрелање и убивање, додека ние ги носевме нашите деца на часови по уметност и спорт?!

Ако не сте биле свесни за вашата улога во невидената трагедија од 3 мај 2023 година, тогаш треба да се разбудите и да сфатите дека, за жал, овде имаме работа со трагедија по трагедијата која добива светски размери. Јасно ни е дека јавното мислење бара некаква смисла - причина со цел на некој начин да го објасни овој вид на криминал и да разбере како се случил? Да разјасниме, врсничкото насилство е суштинска тема на денешното време, на кое мора да и се посвети најголемо внимание и грижа за да се запре. Но, тоа не се случи во оваа трагедија и не треба повторно да се залажувате и да се криете зад невистините. Жал ми е, тоа се случи на најпогубниот можен начин, но од страна на вашето дете врз нашите деца.

Дали сте свесни дека преживеаните и ранетите добиваат закани по живот од целиот свет затоа што „некој ќе го заврши започнатото“, во болното убедување за задоволување на правдата за „малтретираното“ момче.

Добро знаете дека децата од VII/2 наивно го прифатија, му пружија рака за пријателство и тоа беше се што можеа нивните златни срца... Се останато беше до вас, кои сте одговорни за него и стручниот услуги кои мораа да одржуваат објективност кога ќе се појави родителска слабост.

Знаете, 21 век, за жал, е бесрамен век... Во овој век, не треба да има срам да се бара сета стручна помош што е достапна денес. Кога повторно ќе те прашаат, размисли дали ќе повториш: „Јас не сум виновен“ или барем ќе речеш: „Згрешивме, не знаевме подобро...“ Тогаш можеби не сте знаеле , но сега болната вистина е зад сите нас и треба да можете подобро...макар и да речете: „Извинете, многу ни е жал, вашите деца не се виновни за ништо!“

Ова не е само лична трагедија, туку колективна трагедија на едно општество затоа што умреа исклучителни деца кои беа на вистинскиот пат да станат големи луѓе и кои со своите семејства требаше да бидат залог за ова општество.

Сè уште се молиме за спасение на вашите души, но без признание нема ни покајание.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk