Албанскиот премиер Еди Рама упати остри критики до организаторите на масовните антивладини протести во Тирана, фокусирајќи се на учеството на граѓани од Македонија кои ги нарече „жртви на политички каравани“ злоупотребени за внатрешни пресметки. Преку објава на социјалните мрежи, пренесена од „Албанска пошта“, Рама децидно нагласи дека Албанците од Македонија во никој случај не можат да се третираат како дијаспора на Албанија на туѓа територија, бидејќи тие, заедно со Македонците, се конститутивен и државотворен народ во својата земја.
Според него, организираното носење активисти од Тетово на протестите во Тирана и агресивната употреба на национални симболи за изнудување оставка на легална влада директно го нарушува меѓународниот имиџ на албанскиот фактор во регионот. Премиерот упати и директни обвинувања до спонзорите на овие движења, тврдејќи дека се трошат големи финансиски средства исклучиво за нанесување штета на угледот на македонските Албанци.
Оваа жестока политичка реакција доаѓа во момент кога Албанија веќе повеќе од 20 дена е парализирана од таканаречената „Револуција на Фламинго“, народен бунт против изградбата на луксузен туристички комплекс на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, лоциран на заштитеното крајбрежје, кој предизвика координирани протести и во официјалната дијаспора ширум САД, Велика Британија, Европа и Австралија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата