Големата измама на турскиот клуб со политичка позадина беше откриена и санкционирана. Се работи за финансиска измама која во Македонија е пракса: пријавуваш плата или исплата на една минимална сума а исплаќаш многу поголем реален износ.
УЕФА денес го казни Фенербахче со 10.000.000 евра бидејќи откри низа манипулации и неправилности во финансиското работење на турскиот клуб! Оваа казна не е меѓу најголемите што европската куќа на фудбалот им ги изрече на клубовите (Челзи 80.000.000, ПСЖ 65.000.000, Барселона 60.000.000, Манчестер Сити 60.000.000 евра...), но секако е голема и значајна. И, за Македонците, добро позната.
Измамата на Фенербахче со доведувањето и плаќањето на турскиот интернационалец Актуркоглу од Бенфика минатото лето излезе на виделина.
Да се потсетиме дека Актуркоглу со години беше најдобриот домашен играч во Галатасарај, но беше недоволно платен во споредба со странските ѕвезди. Почна со годишна плата од 110.000 евра, во сезоната 2022/23 заработуваше 650.000 евра годишно, а во следната сезона 1.400.000. Во летото 2024 година се пресели во Бенфика, каде што неговата годишна плата скокна на 2.800.000 евра по сезона. И од таму се упати токму кон Фенербахче бидејќи неговиот гол ја однесе Бенфика над Фенербахче во Лигата на шампионите и му предизвика на турскиот клуб финансиска загуба од 25.000.000 евра. Кратко по тој гол, Фенербахче го купи за 22.500.000 евра.
Не беше тешко да се заклучат причините зошто Актуркоглу ги засили редовите на најголемиот ривал на Галата. Како и секогаш во вакви контроверзни приказни, сè се врти околу парите. Во Фенер, Актуркоглу добиваше неверојатна плата од 5.200.000 евра годишно. Нето! Со оглед на тоа што не беше напишано така во весниците...
За да ја затворат големата зделка за Актуркоглу, Фенербахче измами. Се покажа дека на средина од сезоната договорот на Актуркоглу испратен до седиштето на Турската фудбалска федерација е всушност чиста манипулација и дека во него пишува дека турскиот репрезентативец игра за 1907 турски лири месечно (годината кога е основан клубот, за да се потсмеваме малку повеќе на правилата). Во превод, тоа е 35 евра месечно и всушност е законскиот минимум во турскиот фудбал.
Независните медиуми во Турција беа првите што почнаа да се занимаваат со темата и дури тогаш УЕФА реагираше со дополнителни контроли. Таа побара дополнителни документи поврзани со официјалните записи за платите на Керем и распоредот на плаќања. Фенербахче презентираше одбрана за време на процесот, но УЕФА заклучи дека ограничувањето на трошењето е надминато и дека се прекршени правилата за финансиски фер-плеј.
Фенербахче се обиде да се одбрани зборувајќи дека се рботи за изсплата од спонзори... Имено, турскиот бизнисмен Хакан Сафи рече дека тој е спонзор на доаѓањето на Актуркоглу во Фенербахче.
„Јас ќе ги покријам маркетиншките права на ликот на Керем Актуркоглу и менаџерските провизии и ќе платам вкупно 35.000.000 евра за тоа во следните четири години. Нека биде мој подарок за Фенербахче“, рече еден од најбогатите турски бизнисмени, кој беше и член на Управниот одбор на Фенербахче.

Хакан Сафи е педесет и тригодишен бизнисмен чиј подем во турскиот деловен свет беше брз. Со години се соочува со повеќе политички и корпоративни контроверзии, главно произлезени од обемот на неговите инфраструктурни зделки и владини тендери. Критичарите често ги доведуваат во прашање неговите блиски врски со владејачкиот политички естаблишмент во Турција, а членовите на турскиот парламент јавно го обвинуваат дека користи политичка поддршка од Претседателската палата на Ердоган за да ги заобиколи законите. Во овој случај, Сафи ги заобиколи и фудбалските закони на УЕФА.
Се покажа дека клубот го пријавил Актуркоглу со плата од 420 евра годишно, и дека тој ја пропуштил основната плата низ документите како „маркетиншки права за имиџ“ платени на Сафа и за кои се применува помал данок. Според правилата, платата на Актуркоглу од 5.200.000 евра требало да го чини Фенербахче 7.000.000 евра годишно со даноци, но таков договор не постои во официјалната документација.
Поранешниот претседател Али Коч потоа предупреди за начинот на работење на Фенербахче.
„Стандардизацијата на договорите е клучна. Договорот мора да вклучува сè: плата, бонус за потпишување, права за имиџ, спонзорство итн. Нема да можете да потпишете играч за 10.000.000 - 12.000.000 евра годишно, а потоа да му кажете на Одборот за пазари на капитал (SPK) дека плаќате само 4.000.000 - 5.000.000 евра. Нема да можете да избегнете државни даноци и да ја измамите Турската фудбалска федерација (TFF) во врска со ограничувањата на трошоците“.
Фенербахче го направи токму тоа и на крајот парите за кои беше оштетена турската држава ќе мора да бидат уплатени во касата на УЕФА. Уште повеќе. Целата авантура со Актуркоглу ќе ги чини над 60.000.000 евра кога ќе се соберат трансферот, платата, казната од УЕФА и финансиската штета што им ја нанесе голот на Актуркоглу за Бенфика...
Фенербахче неодамна имаше и друг голем скандал.

Во декември 2025 шефот на Фенербахче, Садетин Саран, беше испрашуван во случај со дрога. Тој е осомничен за обезбедување и олеснување на употребата на дрога и е ставен под „принуден надзор“. Бизнисменот беше повикан во обвинителството да даде исказ во случај во кој учествуваа претставници на шоу-бизнисот, медиумите и спортската елита во земјата.
Саран, кој има турско и американско државјанство, се појави пред органите на редот веднаш по враќањето од странство. Тој е осомничен за обезбедување и олеснување на употребата на дрога. Постапката беше понижувачка за врвниот менаџер: во судската медицинска установа, од него беа земени примероци од крв и коса за тестирање за забранети супстанции.
По сослушувањето во судот во Чаглајан, Саран беше ослободен, но ставен под „задолжителен надзор“.
Човек би рекол, деловна катастрофа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата