Најсигурна опција е кога возите да не консумирате алкохол, но сепак многу возачи не се придржуваат до ова правило што, за жал, се документира со алармантни податоци за сообраќајни несреќи. Овој проблем го имаат сите земји во светот, а покрај строгите казни важно е и подигањето на свеста кај луѓето за фаталните последици од возењето под дејство на алкохол. Освен неодамнешното заострување на казните во Грција, уште еден наш сосед направи измени што е добро да се знаат, особено пред периодот на годишни одмори и зголеменото патување.
Србија воведе значително построги правила за возење под дејство на алкохол, а промените особено се важни за македонските граѓани кои често патуваат во соседната земја. Според новите одредби, контролите на патиштата се засилени, а казните се движат од високи парични глоби до забрани за возење, казнени поени, па дури и затвор за најтешките прекршоци.
Законот прави јасна разлика според количината на алкохол во крвта, при што и најмалите пречекорувања може да резултираат со санкции. Кај почетници и професионални возачи, толеранцијата е речиси нула, што значи дека и минимални вредности водат до исклучување од сообраќај.
Во полесните случаи, казните започнуваат со парични глоби и краткотрајна забрана за возење, додека повисоките нивоа на алкохол носат значително построги мерки, вклучувајќи подолги забрани, поголеми парични казни и повеќе казнени поени.
Кај најтешките прекршоци, кога возачот има многу високо ниво на алкохол, законодавството предвидува и затворски казни, а во некои случаи и задолжителна работа во јавен интерес.

Посебно строги се мерките за одбивање на алкотест. Во такви ситуации, возачите може да се соочат со високи казни, задолжителен притвор и дополнителни казнени поени, што значително влијае на нивната возачка дозвола.
Српските власти испраќаат јасна порака дека нема простор за толеранција кога станува збор за возење под дејство на алкохол, а контролите на патиштата се сè почести и построги.
За сите кои патуваат низ Србија, препораката е едноставна – доколку се консумира алкохол, да не се управува возило. Наместо тоа, се препорачува користење такси превоз, јавен транспорт или услуги на професионален возач.
Целта на новите мерки е намалување на сообраќајните несреќи и зголемување на безбедноста на патиштата, но и воведување поголема дисциплина кај возачите во сообраќајот.
Колку пијалаци се 0,5 промили алкохол во крвта
Границата од 0,25 мг/л во издишан воздух одговара на приближно 0,5 промили алкохол во крвта. Според стандардните пресметки, за маж со тежина од околу 80 килограми, ова се 25-30 грама чист алкохол, или приближно два и пол до 3 стандардни пијалaци (мало пиво, чаша вино или еден краток пијалок).
За жена со тежина од околу 65 килограми, оваа граница е пониска - околу 18-20 грама алкохол, или 1,5 до 2 пијалaци, а во некои проценки дури и помалку (најмногу еден до два пијалaци).
Важно е да се нагласи дека резултатот може значително да варира: ако пиете брзо, на празен стомак или во состојба на замор, можно е уредот да покаже пречекорување дури и со помали количини на алкохол.
После колку часа е безбедно да се седне зад волан
Што се однесува до разградувањето на алкохолот во телото, тоа трае со часови. На пример, кај човек во добра форма, една чаша вино може да се задржи околу три и пол часа, две до 7 часа, а три повеќе од 10 часа. Кај пивото, една чаша се разградува за околу два и пол часа, додека три можат да останат во телото до 7,5 часа. Кај жестоките пијалaци, времето по чаша може да биде пократко, но внесот на алкохол е значително поголем.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата