Лицитирање со суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од поранешна Југославија. Од Загреб, преку Сараево, до Белград, Приштина и до Скопје… Опасниот наратив за „редизајн“ на државите повторно оживува…
Во време кога Европа се соочува со сериозни безбедносни и геополитички предизвици, Балканот повторно станува лабораторија за старите идеи за прекројување граници, за редефинирање држави и експерименти со политички системи.
Последниот случај со протестната нота на Босна и Херцеговина до Хрватска не е изолиран инцидент, туку дел од поширок, загрижувачки тренд, еден феномен, како што би рекле нашите соговорници, „што повторно се движи како бран од север кон југ“…
Скандалозни идеи со предвидливи последици

Неодамнешниот настан во Загреб, на кој на официјален настан беше презентирана мапа за нова територијална поделба на Босна и Херцеговина, и промоција на „трет ентитет“ во таа држава, директно ги доведува во прашање уставниот поредок на БиХ, карактерот на државата, внатрешната конфигурација на БиХ и, се разбира, Дејтонскиот договор со кој се постигна мир во таа поранешна република на СФРЈ. Но симптоматично беше присуството на настанот на државно-политички фактори, макар и индиректно, што им даде легитимитет на опасните идеи.
– Ваквите иницијативи не се академски дебати, туку политички пораки со потенцијално дестабилизирачки ефект. Овие идеи не се нови. Тие се рециклирани концепти од 1990-тите, кои тогаш доведоа до крвави конфликти. Денес тие се претставуваат како „решенија за рамноправност“, но суштински се обиди за етничка територијализација – велат нашите соговорници, политиколози и историчари, професори на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според соговорниците, Дејтонскиот договор, со сите негови слабости, останува основа за мирот во БиХ.
– Секое негово заобиколување или „креативно толкување“ претставува директен удар врз меѓународното право, води кон поткопување на суверенитетот на една признаена држава и најважно од сè е дека со тоа се отвора Пандорината кутија за нови конфликти! И тој феномен низ историјата се движел „како бран од север кон југ“ и сигурно натаму би имал рефлексии во регионот, особено за Србија, Република Српска, Србија со Косово и на крајот за Македонија. Проблемот не е само во идеите туку и во нивното толерирање. Кога вакви концепти не наидуваат на силна и недвосмислена осуда, тие постепено се нормализираат – велат нашите соговорници со доза на добронамерно предупредување.
Двојни стандарди и геополитика на сила

Паралелата со Србија и Косово често се користи како аргумент за селективноста на меѓународниот поредок.
Перцепцијата дека „силата создава право“ има долгорочни последици. Таа го еродира кредибилитетот на меѓународните институции, ги охрабрува локалните актери да бараат решенија надвор од правните рамки, создава чувство на неправда што лесно се претвора во политичка радикализација. Без разлика на различните интерпретации, факт е дека недоследноста во примената на принципите остава простор за манипулација. Она што се случува внатре во БиХ, како и односите меѓу република Српска и Србија, односите меѓу Србија и Косово итн., не е изолирано од македонскиот контекст. Напротив, се забележуваат сличните обрасци, велат нашите соговорници.
– Од авион се забележливи притисоците за уставни измени под надворешно влијание, потоа постојаниот пресинг на обидите за редефинирање на политичкиот систем преку институционални механизми…, а и мобилизирање внатрешни политички актери, кои дејствуваат сè пожестоко кога нема јасно дефиниран државен консензус по основните политички прашања во една држава.
Во една таква ситуација, која било држава од горенаведените што се на нишан нема државнички капацитет да постави црвени линии! Затоа, мора де се нагласи дека ниту една надворешна инфлуенција (политичко влијание, притисок па и разни интервенции) не е можна без внатрешна слабост – нагласуваат нашите соговорници, професори, кои врз основа на своето знаење и искуство констатираат низа показатели со кои ја аргументираат својата теза.
Според нив, на Балканот таа внатрешна слабост на државите, која се користи за влијание, се манифестира преку недостиг од национален консензус по клучни прашања, преку политички елити фокусирани на краткорочни и лукративни интереси, како и преку институции што реагираат доцна или симболично.
– Кога државата не реагира навремено и одлучно, таа испраќа порака дека е подготвена за компромиси дури и таму каде што не смее да има компромис – велат соговорниците.
Тие алудираат на Македонија како држава што во минатото направи тешки идентитетски отстапки, надевајќи се дека прави компромис да биде примена во евроатланските системи, а жртвувајќи го она што ни во најлошиот кошмар идеолозите и хероите од македонското минато не би го зеле ниту предвид. Понатаму нашите соговорници додаваат дека ние самите не само што сме се откажале од минатото и сегашноста, туку со тоа се откажавме и од нашата иднина, како нација и држава, и без разлика на цената што треба да ја платиме сега, мора да го вратиме сето она што е наше!
Реконфигурација или дестабилизација

Тезата дека Балканот се движи „од север кон југ“ во процес на реконфигурација не е без основа. Но прашањето до нашите соговорници е дали станува збор за некаква и од некого „менаџирана еволуција“ или за „опасен инженеринг“.
– Историјата покажува дека промените на граници ретко минуваат мирно. Етничките поделби создаваат долгорочни нестабилности, а надворешните „решенија“ често не ги земаат предвид локалните реалности. Затоа, секоја иницијатива што допира до територијален интегритет мора да се третира како високоризична – велат историчарите.
Според нив, Македонија, како и другите држави во регионот, мора да извлече поука.
– Суверенитетот не е апстрактен поим, туку практична одговорност. Уставот не смее да биде предмет на политички експерименти. Надворешните интеграции не смеат да доаѓаат по цена на внатрешна државна реконфигурација и секако не дестабилизација. Отворањето на уставни прашања без јасни гаранции и стратегија не е реформска храброст туку тоа би било политичка непромисленост – со голема доза на сигурност констатираат наши соговорници.
Според нив, Балканот не страда од недостиг од идеи, туку од вишок опасни и недоволно промислени иницијативи. Секој обид за редефинирање граници, системи и држави без широк консензус и почитување на меѓународното право е рецепт за нови кризи.
– Државите што не се подготвени да го бранат својот суверенитет, истиот тој ќе го изгубат. А оние што веруваат дека историјата нема да се повтори, веќе ја заборавиле. Време е за јасни позиции, силни институции и политичка зрелост. Сè друго е ризик што регионот и нашата држава не можат да си го дозволат – поентираат нашите соговорници, високи интелектуалци и универзитетски професори. Н.М.
Наследството на Тито: Помеѓу историјата и колективната меморија

На 4 мај 1980 година светот за момент застана по веста дека си замина човекот што ја предводеше Југославија низ нејзините најславни и најтурбулентни години. Денот кога згасна животот на Јосип Броз Тито.
Како доживотен претседател и лидер на Движењето на неврзаните, Тито беше фигура што успеа да ги обедини народите на овие простори под слоганот „Братство и единство“. За многумина, неговото време останува симбол за социјална сигурност, меѓународен углед и економски просперитет. Неговиот погреб во Белград собра светски државници од двата блока, што беше последен голем доказ за неговата дипломатска моќ.
Денес, четири децении подоцна, сеќавањето за него сè уште буди силни емоции и дебати за едно минато време. Иако државата што ја создаде веќе не постои, неговото име останува врежано во колективната меморија на Балканот. Историјата продолжува да го мери неговото наследство, додека генерациите сè уште со носталгија се потсетуваат на „времето на Стариот“.
(Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата