Грчките метеоролози најавуваат нов бран на голема концентрација на прашина од Африка, кој ќе ја зафати земјата денеска и ќе трае сè до четврток. Овој природен феномен, кој е чест поради географската близина со Сахара, годинава предизвикува алармантни бројки во однос на квалитетот на воздухот. Според податоците на платформата IQAir, концентрацијата на опасните ПМ 2,5 честички во Грција е зголемена за дури 30 проценти, што ја става земјата во групата на европски држави со најголем раст на аерозагадувањето.
Истражувањето, кое опфати над 9.000 градови ширум светот, открива дека само мал дел од нив ги исполнуваат препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Во Грција, најкритична е состојбата во центарот на Атина, каде се измерени 14,7 микрограми на кубен метар, што е речиси трипати повеќе од безбедната граница од 5 μg/m³. Покрај прашината од Сахара, на влошувањето на состојбата влијаеле и чадот од големите пожари во Северна Америка, како и локалната индустриска активност. Експертите потсетуваат дека овие ситни честички лесно навлегуваат во крвотокот и се одговорни за голем број предвремени смртни случаи на ниво на ЕУ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата