Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека пристигнал во Белград на важни состаноци со српскиот колега Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут.
- Пристигнав во Србија со мојот тим. За денес и утре се закажани важни разговори – со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут. Ќе разговараме за проширување на економските врски меѓу нашите земји, односите со Европската Унија, други области што можат да им користат на нашите нации и безбедносни прашања. Украина е секогаш подготвена да работи конструктивно, за взаемна корист и врз основа на взаемно почитување.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, приреди вечера во чест на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој за прв пат ја посетува земјата.

По тој повод, Вучиќ се огласи на социјалните мрежи:
„Задоволен сум што имам можност да го угостам претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој е во прва официјална посета на Србија, со верување дека оваа посета ќе придонесе за понатамошен развој на односите меѓу Србија и Украина и соработка во области од заемен интерес“, напиша Вучиќ и додаде:
„Му посакав добредојде во Белград, а вечерата беше можност да се отвори разговор за темите што ќе бидат во фокусот на официјалните средби, особено европскиот пат на нашите земји, но и да се доближи духот на Србија до гостите, дел од традицијата на која сме горди.“
Како што објави службата за соработка со медиумите на претседателот на Републиката, церемонијата на добредојде е закажана за 10:30 часот пред Палатата „Србија“, додека средба лице в лице меѓу претседателот Вучиќ и претседателот Зеленски е закажана за 10:45 часот.
Средба на делегациите на двете земји предводени од претседателот на Србија и претседателот на Украина е закажана за 11:15 часот.
Во 12:00 часот се очекува потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија и Државната служба на Украина за безбедност на храната и заштита на потрошувачите за соработка во областа на здравјето на животните и безбедноста на храната, во присуство на Вучиќ и Зеленски.
Изјавите за медиумите на претседателите на двете земји се закажани за 12:05 часот.
Три клучни теми на разговор
Вучиќ синоќа изјави дека во разговорот со Зеленски ќе има неколку важни теми, меѓу кои европскиот пат на Украина и Србија, билатералната економска соработка и енергетската соработка.
„Претседателот на Украина доаѓа на својата прва билатерална посета. Досега имавме пет или шест средби, претежно на различни самити и конференции. Имаме неколку важни теми. Едната е европскиот пат на Украина и Србија, бидејќи сме приближно во слична ситуација и се соочуваме со исти или слични проблеми на европскиот пат.“
Како што изјави, второто прашање е билатералната економска соработка, а третото е енергетската соработка меѓу Србија и Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата