logo
logo
logo

Европската КРИЗА СО МЕСОТО силно го удира и Балканот

Vecer | 13.07.2026

Европската КРИЗА СО МЕСОТО силно го удира и Балканот

Падот на бројот на стока во Европската Унија веќе не е инцидент, туку хроничен и опасен тренд кој директно се прелева и врз балканските пазари. Острите еколошки стандарди и кратењето на субвенциите ја натераа Европа свесно да го дестимулира сопственото производство на месо и млеко, претворајќи го некогашниот голем извозник во зависен увозник на храна.

Ова во емисијата „Енергија на Спутник“ го алармира Ненад Будимовиќ, секретар на Здружението за сточарско производство во Стопанската комора на Србија (ПКС). Според него, Србија и регионот, кои во моментов се зависни од увоз, не можат преку ноќ да ги вратат капацитетите, особено во ситуација кога секој економски бран од Брисел директно ги удира домашните фармери.

Шок-податоци од Евростат: Статистиката ја потврдува кризата

Најновите податоци на Евростат за 2025 година покажуваат десеткување на сточниот фонд во сите главни категории. Бројот на свињи е намален за 0,5%, на говеда за 2,8%, на овци за 1,7%, а на кози за 1,6%.

Сепак, вистинската катастрофа се гледа кога бројките ќе се споредат со состојбата од пред десет години:

  • Кози: пад од 17,5%
  • Овци: пад од 12,2%
  • Говеда: пад од 9,7%
  • Свињи: пад од 8,9%

Како резултат на ова, цените на европското говедско месо скокнаа до плафон, правејќи го целосно неконкурентно на светскиот пазар, додека увозот на говедско и телешко месо во ЕУ се зголеми за рекордни 25% до 33%. Хроничниот дефицит на јагнешко и козјо месо пак, континуирано се покрива со увоз од Нов Зеланд, Австралија и Велика Британија.

За килограм јунешко – животното пие 15.000 литри вода!

Будимовиќ објаснува дека зад овој тренд стои „зелениот притисок“ од Брисел. На сточарите во ЕУ денес буквално им се мери сè:

„До ова доведе примената на новите, екстремно остри регулативи за еколошки стандарди во изминатите неколку години. За производство на еден килограм јунешко месо, пресметано е дека животното мора да испие 15.000 литри вода и да произведе од 60 до 100 килограми јаглерод диоксид. Се контролира дури и дали храната за животни е произведена на земјиште каде што претходно имало сечење шуми. Кога на ова ќе се додаде укинувањето на државните поттикнувања, фармерите едноставно се откажуваат. А во сточарството важи правилото – еднаш кога животното ќе го премине прагот на шталата, таму тешко се враќа.“

Дополнителен удар за ЕУ беше и губењето на кинескиот пазар за свинско месо поради строгите закони за африканска куга (Кина не увезува месо од земји каде болеста била присутна во последните 3 години). Овие европски вишоци сега се прелеваат на Балканот по ниски цени, што директно го гуши домашното свинско производство.

Спас по рецептот на поранешниот гигант „Генекс“

И покрај кризата, Србија и регионот имаат свои адути – врвно јунешко месо (од јунад до 12 месеци) кое е произведено без генетски модифицирани организми (нон-ГМО). Но, проблемот е што фармерите немаат знаење ниту време да се занимаваат со бирократија за извоз. ЕУ со години ни одобрува квота за извоз на 8.700 тони „беби биф“, а регионот не исполнува ниту 10% од тоа.

Будимовиќ смета дека решението треба да се бара во минатото, преку формирање на голема, организирана државно-приватна компанија по примерот на некогашниот југословенски гигант „Генекс“.

„Потребна е компанија која ќе отиде кај фармерот и ќе му каже: 'Еве ти 20 телиња, еве ти храна, еве ти ветеринарна заштита, цената е таа и доаѓаме да ги земеме за девет месеци'. Фармерот ќе биде обезбеден, а компанијата ќе го менаџира извозот. Така се правеше пред 15-20 години и тогаш извезувавме по 10.000 тони годишно на пазарите во Грција и Италија“, истакнува тој.

Иднината е во пилешкото; 3Д штампаното месо доживеа дебакл

Единствениот сектор што бележи раст е живинарството. Бидејќи одгледувањето свињи и говеда стана прескапо и еколошки комплицирано, фармерите масовно преминуваат на пилешко, кое има побрз циклус на производство и пониска цена. Европа буквално „жуди“ за пилешко филе и конзумни јајца, што е одлична шанса за балканските производители доколку брзо ги усогласат ветеринарните сертификати со Брисел.

За крај, Будимовиќ изрази надеж дека ќе стивне агресивниот медиумски тренд кој месото и млекото ги прогласи за „нездрава храна“. Тој посочи дека дури и големиот бум со лабораториски отпечатеното 3Д месо полека пропаѓа бидејќи истражувањата покажале дека тоа е комерцијално целосно неисплатливо, па природниот протеин останува незаменлив.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk