Речиси 30 години Антена 5 е меѓу најслушаните радија во Македонија. Приказната што почна во 1994 година, кога Зоран Петров, Марјан Гушев и Коста Јаневски решија да направат радио кое наместо народна музика и детски емисии ќе пушта светски хитови, трае и денес. Први известуваа во живо од доделувањето на Ем-ти-ви наградите, се журкаа на Егзит и Си денс фестивалот, а направија и преку 1000 интервјуа со светски ѕвезди.
Во разговор за „Репортер“ Зоран Петров, познат и како диџеј Дајнамајт, Соња Панда и Мартин Делимитов, се потсетија на почетоците и како скопското радио со фреквенција 95.5 стана омилено на многу генерации низ цела Македонија.
„Нè препознаваа, успешно покриваме настани и журки што ни беа интересни, се јавувавме во живо во програма и во еден момент се надминавме себеси. Постоевме само осум месеци кога екипа од радиото отиде во Берлин да ги покрива во живо првите Ем-ти-ви награди“, вели Петров, кој со години ја водеше емисијата „Чао Антена“ и е еден од сопствениците на радиото.
„Вие слушате Антена 5 радио“, е џинглот кој се слуша и денес, а прва го кажа Ени Ленокс. По неа, речиси и да немаше светска ѕвезда, која не го повтори препознатливиот слоган на скопското радио.
Специфичниот глас на Соња Панда 24 години е во етерот. Таа и денес е дел од екипата и ги прави повеќето интервјуа со светските ѕвезди. Вели, одамна нема трема кога ќе се сретне со некоја од најголемите музички ѕвезди.
„Чувствувам некоја возбуда и тоа ми се случи кога го интервјуирав Пол Велер. Со Мик Џонс, пак, од славните Клеш, кога се сретнавме во Лондон и му кажав дека сме од Македонија, почна муабет за античкото минато на овие простори, па ми вели: ‘Вие сега имавте избори, што се случи?’. Тоа се работи што ме изненадуваат“, рече Соња, која кариерата ја почна на телевизија во ’90те.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата