Секому многупати му се случило погрешно да го разбере текстот на некои песни, па не ретко и погрешно си потпевнуваме некоја песничка.
Ова се случува почесто кога станува збор за нумери на странски јазици, но не ретко и во домашните (или оние од соседството) песни не е јасно што кажале пејачите или некои стихови звучат нејасно. Една од главните причини поради која публиката погрешно разбира многу текстови е брзината со која пејачот ги кажува стиховите, а покрај тоа, можеби поважна причина е и лошата дикција на изведувачот.
Една од нумерите што публиката најчесто неправилно ја пее е големиот хит на групата „Рибља чорба“, „Где си у овом глупом хотелу“. Имено, контроверзните реплики кои публиката речиси секогаш погрешно ги разбира се „ко дим, ко папирни змајеви“, додека сите често пеат „горим ко папирни змајеви“.
Познатиот хит на Лепа Брена кој обележа едно време и една држава, е „Југословенка“ и многумина погрешно го пеат. На настапите на Брена често може да се чуе „сестра ми је душа словенска“ место „сетна ми је душа словенска“.
Уметникот кој својата најголема популарност ја стекна во осумдесетите е Оливер Мандиќ, неговите песни оставија голем белег на музиката, а текстот на неговата песна „Одлазим, а волим те“ повеќето го пеат погрешно. Често слушаме некој наместо „доѓавола све, доѓавола сав бол“,да отпее „доѓавола све, доѓавола са мном“.
„Април у Белграду“ на Чола е уште една песна чии зборови се погрешно разбрани од слушателите. Правилно е да се пее „април у Белграду, једно прошло доба, носим га у мислима из војничких соба“, додека повеќето од нас барем еднаш пееле „из војничких снова“. Кога се во прашање песните на Чола, може да се спомене и познатиот хит кој е снимен во раните осумдесетти „Пусти, пусти моду“. Некогаш на шега, а некогаш на вистински, некој знае да пее „пусти, пусти воду“.
Популарната хрватска група „Магазин“ направи бројни песни кои ќе се паметат и пеат уште многу години. Но, и овде има спорни стихови кои публиката погрешно ги разбрала во интерпретацијата на тогашната пејачка на овој бенд Јелена Розга. Многумина се сеќаваат на песната „Минус и плус“. Имено, луѓето често место „ко минус и плус, ко Амер и Рус, у мом свијету ти си коро, а ја хибискус“, пеат „у мом свијету ти си хорор, а ја хибискус“.
Дино Мерлин напишал голем број хитови кои ја обележаа неговата кариера, една од нив е „Кремен“. Тој во неа пеа „остало је још мало кремена у овом мом старом упаљачу“, а не ретко некој пее „остало је још мало времена“.
Мошне популарна група во поранешна Југославија беше „Валентино“, па онаа нивната „ока твоја два сузама не дају да теку, ноќ је проклета, неверна“, многумина ја пеат „ока твоја два Сузана не дају да теку...“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата