Ник Рајнер се соочува со две точки за убиство од прв степен, како што изјави окружниот обвинител Нејтан Хокман. Обвинетиот, се вели, би можел да биде осуден на доживотна казна без можност за условна слобода или смртна казна, доколку биде прогласен за виновен. Тој ќе биде изведен пред Судот за да се соочи со обвиненијата и да се изјасни, откако ќе добие медицинско одобрение за тоа од надлежните затворски службеници.

Обвиненијата се официјални два дена откако двојката беше пронајдена мртва во нивниот дом во Брентвуд, Калифорнија, САД, со повеќекратни убодни рани.
Осомничениот, 32-годишен, според наодите, се товари и за употреба на „опасно и смртоносно оружје, а тоа е нож“, како што нагласи истражителот. Хокман рече дека не е донесена одлука дали обвинителите ќе бараат смртна казна.
Роберт - Роб Рајнер е режисер на повеќе култни филмови во различни жанрови, на пр. „Мизери“ и „Неколку добри луѓе“. Мишел Сингер Рајнер беше позната глумица, фотографка и продуцентка, како и основачка на „Рајнер лајт“ - фотографска агенција и продуцентска компанија.

Градските и окружните власти на Лос Анџелес на прес-конференцијата изразија длабоко сочувство до сите погодени од оваа трагедија. Прашан, дали оружјето од убиството е пронајдено, Хокман рече дека тоа ќе биде откриено на суд. Надлежните изјавија и дека обдукциите, коишто сѐ уште не се завршени, ќе ја утврдат точната причина, начинот и времето на смртта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата