logo
logo
logo

Пинк Флојд постигна договор со Сони за продажба на музичкиот каталог, сумата е огромна

Vecer | 03.10.2024

Пинк Флојд постигна договор со Сони за продажба на музичкиот каталог, сумата е огромна

Легендарната група се согласи да ги продаде правата на својот музички каталог, име и бренд, но не и правата на песните.

На ова му претходеа повеќегодишни расправии околу деталите за продажбата меѓу преживеаните членови на бендот, пренесува Гардијан.

Во 2022 година, Variety објави дека Пинк Флојд планира да ги продаде своите плочи и други средства во вредност до 500 милиони долари.

Сепак, според весникот, потенцијалните купувачи го одложиле купувањето по интервјуто на басистот и основач на бендот Роџер Вотерс за списанието Ролинг Стоун во 2022 година, во кое тој дал контроверзни изјави за Израел, Украина, Русија и САД.

Меѓу другото, Вотерс рече дека не е точно оти руската инвазија на Украина во 2022 година е „неиспровоцирана“. Русија го покани Вотерс да се обрати пред Советот за безбедност на ОН на почетокот на 2023 година, каде што тој го повтори тврдењето.

Подоцна истата година, Вотерс беше под истрага од берлинската полиција затоа што носеше униформа во нацистички стил на концертот таму. Истата година, тој победи во правна битка и му беше дозволено да одржи концерт во Франкфурт, откако градот се обиде да го откаже настанот, нарекувајќи го Вотерс „еден од најпознатите антисемитисти во светот“.

Вотерс секогаш ги негираше обвинувањата за антисемитизам.

На почетокот на оваа година, Вотерс беше одбиен од компанијата за музички права BMG, која потпиша договор со музичарот во 2016 година, поради неговите коментари за Израел, Украина и САД.

Каталогот на снимена музика на Пинк Флојд е еден од највредните во современата музика, според Variety. Најпознатите албуми на бендот се The Wall, Dark Side of the Moon, Wish You Vere Here, Animals и многу други.

Во текот на изминатите неколку години, други уметници од висок профил, вклучувајќи ги Брус Спрингстин, Боб Дилан, Џастин Тимберлејк, Шакира, Red Hot Chilli Peppers и други, ги продаваа своите каталози на различни издавачки куќи.

Претходно оваа година беше објавено дека Sony преговара за купување на каталогот на Queen.

Забележано е дека музичкиот каталог на Пинк Флојд е еден од највредните во модерната музика.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk