logo
logo
logo

Памела Андерсон се прослави со улогата на Си Џеј Паркер во хит серијата „Чувари на плажата“

Vecer | 07.02.2023

Памела Андерсон се прослави со улогата на Си Џеј Паркер во хит серијата „Чувари на плажата“

Памела Андерсон (55) се прослави со улогата на Си Џеј Паркер во хит серијата „Чувари на плажата“ во 1990-тите.

Нејзиниот турбулентен живот беше преполн со подеми и падови, имаше пет брака, таа доживеала трауматични искуства,  а сега во својот документарец „Памела“си ја отвори душата.

Преку приватни снимки и најинтимни записи од својот дневник, Андерсон раскажа сè што преживеала, вклучувајќи ги и трауматичните настани како што е силувањето што го доживеала кога имала само 12 години и нејзиниот обид да ја убие сопствената дадилка. Според неа, таа пораснала во дисфункционално семејство. Нејзината мајка била бремена со неа кога нејзините се венчале многу мали.

- Татко ми пиеше многу, па често се расправаа. Имаше навреди, физичко малтретирање, сè. Се сеќавам дека татко ми еднаш ја фрли правосмукалката низ прозорецот затоа што мајка ми почна да чисти додека тој гледаше хокеј. Уште како дете знаев кога треба да го изведам брат ми од дома кога ќе почнеа да се расправаат. Чекав надвор да престанат да врескаат и да фрлаат работи низ куќата. Кога ќе се вратевме, тие се бакнуваа – раскажала Памела.

Нејзината мајка неколку пати ги земала децата и го оставала нивниот татко.

- Живеевме во еден стан од социјална помош. Сè уште се сеќавам на вкусот на млекото во прав, но набргу сфатив дека никој нема совршено детство. Животот без татко беше тежок, па секогаш му се враќавме. Денес тие двајца се среќни – забележува таа.

Како дете имала дадилка која толку многу ја мразела што се обидела да ја убие.

- Моите родители ја сакаа затоа што ни носеше подароци, но мене ме малтретираше. Тоа траеше три до четири години и не смеев да им кажам ништо на татко ми и мајка ми. Ја мразев и сакав да го заштитам брат ми, па се обидов да ја убијам така што ѝ забодев хемиско пенкало во пределот на срцето. Секако дека не ја повредив, но толку многу сакав да умре што на крајот тоа се случи. Утредента загина во сообраќајна несреќа, а јас бев убедена дека сум ја убила, па молчев - се присети на трауматичниот настан познатата актерка.

 Како девојче, на само 12 години, таа била жртва на силување и за прв пат во својот документарен филм ги ракажа деталите од тој настан.

- Отидов со другарка ми кај еден постар дечко кој ѝ се допаѓаше. Тие двајца се качија горе во спалната, а јас останав со неговиот другар да играме видеоигри. Во еден момент ме грабна и ме силуваше. Јас имав 12, а тој 25 години, мислев дека јас сум виновна за тоа – раскажала Памела, која никому ништо не кажала.

- Мајка ми секогаш плачеше поради татко ми, не сакав да ја повредам уште повеќе. Затоа молчев и никому ништо не кажав. Се обидов да го заборавам тоа, но се чувствував како на чело да ми пишува дека сум имала секс. Поради сето ова бев повлечена, срамежлива и ужасно несигурна - беше искрена актерката.

Срамежливоста ја победила позирајќи за Плејбој, а после неколку помали улоги ѝ понудиле улога во „Чувари на плажата“ која и го промени животот. Таа стана ѕвезда и на врвот на својата кариера се омажи за Томи Ли, тапанарот на „Мотли кру“. Додека биле млади и вљубени се снимале за време на секс, без да знаат низ каков пекол ќе таа помине поради тоа.

- Во еден момент исчезна касетата со нашата интимна снимка. Нè уценуваа, а потоа фотографот Боб Гучиони понуди за 5 милиони долари да ги откупи правата од снимката. Го одбив, а потоа делови од снимката се појавија во јавноста. Беше страшно, не знаев како да се однесувам. Штотуку го родив мојот син Брендон, а животот ми се претвори во пекол. Најлошото е што сите ме осудуваа и велеа дека сум лесна жена затоа што сум се сликала за Плејбој – раскажува таа.

Во обид да го спасат она што може да се спаси, таа и Томи поднеле пријава во полиција за нарушување на приватноста, но тоа се претворило во истрага на нејзините сексуални склоности.

- Се чувствував како повторно да сум силувана. Најлошото е што никогаш не успеавме да откриеме кој ги украл тие снимки од нашата куќа. Шест месеци ја реновиравме куќата, луѓето влегуваа и излегуваа како сакаа... Повторно забременив и плашејќи се за здравјето на бебето, едноставно се повлеков и потпишав документи за да ги префрлам правата од снимката на други - додаде таа.

Нејзиниот сопруг Томи Ли поминал подобро, интимната снимка само му ја зголеми цената кај жените, додека актерската кариера на Памела пропадна.

Сепак, Памела тврди дека Томи Ли бил љубовта на нејзиниот живот, но дека било невозможно да се живее со него.

- Беше ужасно љубоморен. Се сеќавам како збеснуваше кога ќе видеше дека се бакнувам со некој  актер на сет. Урлаше и викаше дома, Брендон се држеше за мојата нога тресејќи се од страв, додека јас буквално останував без здив. Ќе се јавев во полиција и сето тоа завршуваше во жолтиот печат - се присети таа.

Сепак, таа никогаш никого не сакала како него.

- Никогаш не сум сакала некого толку длабоко. Кога велам длабоко, мислам на неговата душа. Кога се разведовме се чувствував како да умрел дел од мене. Никогаш не го преболев таткото на моите деца, иако мислев дека можам повторно да се заљубам и да имам семејство. Мислам дека поради тоа пропаѓаа сите мои врски. Затоа попрво ќе бидам сама отколку со кого било... Но, мислам дека не можам да бидам ниту со Томи, тоа е како казна - искрена беше познатата актерка.

После Ли, Памела се омажи уште четири пати - со Кид Рок, Рик Саломон и Џон Питерс, со кого беше во брак само 12 дена. Нејзиниот последен, петти сопруг беше Ден Хајхурст, од кого се разведе по една година брак.

И покрај сè што поминала, таа тврди дека не е жртва.

- Мојот живот не е тажна приказна. Јас не сум жртва. Се доведував во луди ситуации и ги преживував. Болката што можеме да ја поднесеме е катализатор за сето она што е важно, како поезијата, музиката, уметноста... Благодарна сум за сите искуства и никому ништо не замерувам - порачува Памела Андерсон.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk