logo
logo
logo

Независни форензичари тврдат: „Смртта на Курт Кобејн е убиство“

Vecer | 16.02.2026

Независни форензичари тврдат: „Смртта на Курт Кобејн е убиство“

 Иако официјално беше прогласена за самоубиство, независен форензички тим тврди дека пејачот на Нирвана е убиен и бара повторно отворање на случајот, објавува Дејли меил.

Фронтменот на Нирвана почина на 5 април 1994 година, на 27-годишна возраст, во својот дом во Сиетл. Судскиот вештак од округот Кинг во тоа време пресуди дека станува збор за самоубиство извршено со пушка Ремингтон Модел 11. Сепак, тим приватни форензички експерти сега повторно ги анализираа доказите од обдукцијата и местото на злосторството и дадоа тврдења што целосно се спротивставуваат на официјалната верзија на настаните.

Форензичарите: „Новите докази укажуваат на убиство“

Независниот истражител Мишел Вилкинс, која работеше со тимот, изјави дека форензичкиот научник Брајан Барнет, по само три дена прегледување на доказите, заклучил: „Ова е убиство. Мораме да направиме нешто“. Барнет, кој има децениско искуство во анализа на места на злосторства, е познат по оспорувањето на официјалните наоди во контроверзни случаи.

Во рецензиран труд објавен во Меѓународниот журнал за форензичка наука, тимот презентираше десет докази што укажуваат дека Кобејн бил жртва на еден или повеќе напаѓачи.

Според нивната теорија, напаѓачите прво го онеспособиле принудувајќи го да се предозира со хероин, потоа еден од нив го застрелал во главата, му го наместил оружјето во рака и оставил лажирана порака за самоубиство.

Сомнителни наоди од обдукцијата

Клучните аргументи на тимот се базираат на наодите од обдукцијата за кои велат дека се неконзистентни со моментална смрт од истрел.

„Постојат детали во извештајот од обдукцијата што сугерираат, чекајте малку, ова лице не починало моментално од истрелот“, рекла Вилкинс, посочувајќи на оштетување на органите поврзани со недостаток од кислород. „Некроза на мозокот и црниот дроб се јавува кај предозирање, а не кај смртни случаи од сачмарка.“

Форензичкиот извештај вели дека течноста во белите дробови, крварењето во очите и оштетувањето на мозокот и црниот дроб забележани на обдукцијата се типични за предозирање со хероин, што предизвикува бавно дишење и слаб проток на крв. Кај повеќето смртни случаи од прострелни рани во главата, се очекува да има и крв во дишните патишта, што обдукцијата на Кобејн не го споменува.

Исценирано место на злосторството?

Тимот, исто така, посочува голем број недоследности на местото на злосторството. Ракавите на Кобејн биле завратени, а приборот за хероин, бил пронајден на неколку метри оддалеченост, бил уредно нареден, со шприцеви со капачиња.

„Се претпоставува дека тој ставал капачиња на иглите и сè исчистил откако се боцнал три пати, бидејќи луѓето така прават додека умираат“, иронично коментираше Вилкинс. „Самоубиствата се неуредни, а ова беше многу чиста сцена.“

Позицијата на оружјето и раката, исто така, предизвикува сомнеж. Левата рака на Кобејн беше околу цевката, но била невообичаено чиста.

„Ако ги погледнете фотографиите од самоубиства со пушка, тие се брутални. Нема постои универзум во кој таа рака не е покриена со крв“, рекла Вилкинс. Чаурата беше пронајдена во положба што беше спротивна на насоката на исфрлање, а репликацијата покажала дека со раката во таа положба, чаурата воопшто не би била исфрлена.

Истражителите, исто така, истакнале дека во џебот на Кобејн е пронајдена сметка за оружје,  за која Вилкинс верува дека е премногу инсценирана. Исто така, дамка од крв на работ од неговата кошула сугерира дека телото можеби било преместено по смртта.

Сомнителна проштална порака?

Наводната проштална порака исто така е анализирана. „Горниот дел од пораката го напишал Курт. Во тој дел нема ништо за самоубиството. Главно зборува за напуштање на бендот“, објаснила Вилкинс. Таа додава дека последните четири реда, во кои се споменува самоубиство, се значително различни. „Текстот е малку поинаков. Поголем е, повеќе е... начкрапано“.

Властите одбиваат повторно да го отворат случајот

И покрај новите тврдења, властите стојат зад својот став. Портпаролот на Бирото на судски вештаци од округот Кинг изјави дека бирото извршило целосна обдукција и ги следела сите процедури, и до ден-денес не виделе докази кои би го оправдале повторно отворање на случајот.

Сличен одговор пристигнал и од Полициската управа во Сиетл. „Нашиот детектив заклучил дека тој починал од самоубиство, и тоа и понатаму е став на одделот“, изјавил портпаролот.

Вилкинс нагласи дека тимот не бара апсења, туку транспарентност и преглед на доказите. Таа, исто така, рече дека била контактирана од семејства чии членови извршиле самоубиство верувајќи дека и нивниот идол го сторил тоа.

„Двете барања не добија позитивен одговор. Тие дури и не сакаат да ги погледнат нашите докази“, рекла таа. За неа, целта останува едноставна: „Ако грешиме, само докажете ни го тоа. Тоа е сè што побаравме од нив“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk