logo
logo
logo

Недела на машката мода во Париз: Палтото како симбол на елеганција и трајност

Vecer | 26.01.2026

Недела на машката мода во Париз: Палтото како симбол на елеганција и трајност

Јапонскиот бренд Сакаи  (Sacai) се истакна со традиционалната форма на машката облека, комбинирајќи горни и долни делови со џебови и прошивани вметнувања, без да ја загрози удобноста. 

Слична мода, со „ненаметлива, но внимателно изработена естетика,  понуди и брендот Хермес (Hermès), кој во емотивна, проштална ревија на дизајнерката Вероник Нишијан ја потенцираше вредноста на едноставните линии и безвременскиот дизајн. Палтото се наметна како „парче“ на сезоната-долго, прецизно кроено и влијателно со својот крој. Модната куќа ја затвори ревијата со впечатливо темно палто од сјајна крокодилска кожа, а додатоците останаа впечатливи: коцкасти викенд-торби и чизми со дречливи портокалови ѓонови. 

Додека пак, Џуња Ватанабе (Junya Watanabe) ги реинтерпретираше класичните модели преку спортски и функционални елементи, создавајќи поцврста и современа форма на формалната горна облека. Машкиот крој беше присутен кај повеќето колекции, но со изменет однос кон телото. Ком де Гарсон Хом Плус (Comme des Garçons Homme Plus), понуди порадикален пристап, со раскроени одела и палта и силен визуелен контраст меѓу темни и светли тонови, при што кројот остана основата на целокупниот израз.

Минимализмот и конструкцијата доминираа кај Кико Костадинов, кој ја сведе декорацијата на минимум, оставајќи формата и движењето на материјалот да зборуваат сами за себе. Слична воздржаност, но со технички фокус, понуди и Вајт Маунтинерин (White Mountaineering), означувајќи крај на едно долгогодишно креативно поглавје.

Формалноста доби и полесни, игриви интерпретации кај Жакемус (Jacquemus), кој ги преиспита правилата на носење на црната вратоврска во ретро стил, додека пак, Луи Габриел Нучи (Louis Gabriel Nouchi) ја внесе темната, урбана енергија преку остра естетика и провокативни силуети. Преку оваа модна ревија, Париз испрати порака на забавување, промисленост и квалитет- преку машко кроење што не тежнее кон ефект, туку кон долговечност. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk