logo
logo
logo

Продуцентката Марија Димитрова избрана за нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија

Vecer | 02.04.2026

Продуцентката Марија Димитрова избрана за нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија

На годишното редовно Собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), членовите со мнозинство гласови ја избраа познатата продуцентка Марија Димитрова за нова претседателка на организацијата со мандат од четири години.

Во изборниот процес за претседател на ДФРМ се натпреваруваа двaјца кандидати. Покрај Димитрова, противкандидат беше Мартин Иванов, искусен филмски монтажер, кој низ кариерата монтирал филмови од различни формати и жанрови.

Новата претседателка, Марија Димитрова, доаѓа на оваа функција со богато професионално искуство и достигнувања во продукцискиот дел на филмската уметност. Димитрова  е дипломиран продуцент на Факултетот за драмски уметности – Скопје и дипломиран инженер по информатика од Природно-математичкиот факултет – Скопје.

Со филмска продукција активно се занимава од 2013 година и зад себе има богато искуство во создавање пократки и долгометражни филмови. Во периодот 2014–2025 година, Димитрова работела на 16 кратки играни и документарни филмови, прикажувани на престижни светски фестивали, меѓу кои Санденс, Хоџ Догс, Талин – Black Nights, Сараево, со бројни освоени награди.

Во 2016 година Димитрова ја основа Лист Продукција. Како продуцент на долгометражни филмови, стои зад три мошне успешни остварувања од македонската кинематографија. Филмот „Сестри“ (премиера во Карлови Вари, Специјална награда од жирито, македонски кандидат за Оскар) е филм прикажан на повеќе од 40 фестивали и еден од првите македонски филмови на Netflix. Филмот „Домаќинство за почетници“ кој  премиерно беше прикажан на Фестивалот во Венеција, каде ја освои наградата Queer Lion, беше исто така македонски кандидат за Оскар, дистрибуиран од Universal Pictures и Focus Features и е прв македонски филм со глобална дистрибуција. Последниот продуциран филм „Ера“ ја имаше својата премиера во Бруклин, a македонската премиера се одржа на фестивалот Синедејс, каде ја освои наградата за најдобар филм.

Димитрова е член на Европската филмска академија, како и на престижните продуцентски мрежи EAVE и ACE Producers. Во 2022 година беше избрана како Producer on the Move на Канскиот филмски фестивал. Член е на ДФРМ од 2018 година.

Досегашен претседател на Друштвото на филмски работници, во два мандата, беше Игор Иванов – Изи, истакнат режисер и сценарист, со повеќегодишно професионално искуство во филмската индустрија. За време на неговиот мандат, ДФРМ ја зајакна својата улога во промоцијата на македонската кинематографија и обезбеди значајни активности за поддршка на филмските професионалци. Под негово водство, Друштвото активно учествуваше во организирањето на националната филмска ревија „Златна рамка“, поттикнувајќи дијалог и видливост за креативните филмски автори и технички професионалци, како и во иницијативи за унапредување на статусот и условите на работа на филмските работници во државата.

Со изборот на новото раководство, Друштвото на филмски работници на Македонија продолжува со својата мисија за поддршка, развој и афирмација на македонската кинематографија и филмската професија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk