logo
logo
logo

Научници ќе одржат симпозиум на тема „Влијанието на Тејлор Свифт“, оставиле празно место за неа

Vecer | 22.09.2023

Научници ќе одржат симпозиум на тема „Влијанието на Тејлор Свифт“, оставиле празно место за неа

Swiftposium ќе го истражи влијанието на мегаѕвездата врз сè, од музичката индустрија до културата и економијата. Организаторите на тридневниот настан се надеваат дека ќе привлечат научници од целиот азиско-пацифички регион. Ќе се одржи во февруари, истата недела кога Свифт ја носи својата рекордна турнеја Ерас во Австралија.

Свифт, која стана ѕвезда како тинејџерка, се најде во центарот на главните културни моменти и контроверзи во текот на нејзината кариера. 33-годишната пејачка стана една од најплатените и најнаградуваните уметници на сите времиња, што предизвика дебата за сè, од хонорарите за стриминг и сопственост на музиката до мизогинија и култура на бојкот.

Влијанието на нејзината турнеја Ерас е такво што ги собори сајтовите за издавање билети, експертите го измислија новиот тренд Swiftonomics, а местата како Викторија, Австралија побрзаа да ги реформираат законите за препродажба на билети.

„Таа е вистински феномен“, изјави за Би-Би-Си организаторката на „Свифтпозиум“, Џенифер Бекет од Универзитетот во Мелбурн.

Иако идејата за настанот започна со полусериозен твит претходно оваа година, таа брзо доби поддршка од седум универзитети низ Австралија и Нов Зеланд.

„Тејлор Свифт навистина има многу конкретно влијание на глобално ниво, во работи што нѐ засегаат сите нас“, рече др. Бекет, укажувајќи на работи како улогата на жените во индустријата, законите за забава, па дури и БДП.

„Светските лидери бараат од неа да ја донесе турнејата Ерас во нивната земја поради економските придобивки што ги носи“, додаде таа.

Иако Свифт беше предмет на универзитетски курсеви во САД, ова е прв пат да се одржи глобален симпозиум на кој се дискутира за нејзиното влијание.

Организаторите се надеваат дека конференцијата ќе истражи теми како што се нејзините обожаватели, нејзиниот маркетинг и влијанието на кантавторката врз дискусиите за полот, идентитетот и расата. Добредојдена е и критичка анализа на нејзиниот бренд и влијание, велат тие.

Организаторите зачувале празно место за учество на самата суперѕвезда, доколку сака да дојде.

„ТејТај, ако сакаш да дојдеш, би сакале да те имаме“, вели Бекет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk