Поради слабата посетеност, студиото „Амазон МГМ“ (Amazon MGM Studios) одлучи проектот експресно да го префрли на својот стриминг сервис.
Филмот, кој опфаќа 20 дена од животот на Меланија во периодот пред втората инаугурација на нејзиниот сопруг Доналд Трамп, започна со ветувачки седум милиони долари во првиот викенд на прикажување кон крајот на јануари. Сепак, веќе во третата недела гледаноста опадна за над 60 проценти, а до четвртата недела филмот целосно испадна од листите на најгледани остварувања.
Со вкупна светска заработка од 16,6 милиони долари, документарецот не успеа да ги покрие ниту основните трошоци за продукција и маркетинг, кои изнесуваа десетици милиони долари. Посебно поразителен е резултатот на меѓународниот пазар (надвор од САД), каде филмот инкасираше само 291.000 долари.
Од денеска, 9 март, филмот е достапен на платформата „Амазон Прајм Видео“ (Amazon Prime Video). Студиото се надева дека преку онлајн гледаноста, рекламите и новите претплати ќе успее да поврати дел од вложените средства.
Критичарите го оценија филмот како со ниско квалитетна содржина, опишувајќи го како „премногу промотивен“ и лишен од суштина, со забелешки дека остварувањето повеќе наликува на политичка пропаганда отколку на класичен документарен филм.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата