Австралиската поп-икона во документарната серија од три дела „Кајли“ зборуваше за причините за таквата одлука, која беше многу различна од нејзиното прво, јавно соочување со болеста во 2005 година.
Втората дијагноза ја задржа за себе
Во документарецот, 57-годишната пејачка се присети како за време на првата битка со ракот, се чувствувала „одвоена од сопственото тело“ поради огромното медиумско внимание. Токму затоа, кога болеста се врати во 2021 година, одлучила сè да задржи за себе.
„Добив втора дијагноза за рак на почетокот на 2021 година. Успеав да го задржам за себе, за разлика од првиот пат“, рекла таа во серијата. „За среќа, го преболев. Повторно. И сè е во ред. Којзнае што носи иднината, но поп-музиката е она што ме храни.“
Миног објасни дека во тој период едноставно не можела да се справи со притисокот од јавноста. „Не чувствувам обврска да му кажам на целиот свет, и искрено, дури ни тоа не можев да го направам во тоа време бидејќи бев само школка од човек“, призна таа.
Музиката како засолниште и исповед
Пејачката откри дека размислувала јавно да ја сподели својата приказна, особено откако се вратила на сцената со хитот „Падам Падам“ во 2023 година, но никогаш не го пронашла вистинскиот момент.
„Во еден момент повеќе не сакав да излегувам од дома. „Падам Падам“ ми отвори многу врати, но во срцето знаев дека ракот не е само минлива епизода во мојот живот“, продолжи таа. „Седев на интервјуа и секој пат си мислев: „Сега е моментот“, но сепак сè чував за себе. Сакав да кажам што се случило за да можам да го пуштам.“
Иако не зборуваше јавно за дијагнозата, своето искуство го преточи во музика. Песната „Story“ од албумот „Tension“, во која се наоѓа и „Padam Padam“, беше нејзиниот начин да го опише она низ што поминуваше.
„Имав тајна што ја чував за себе, сврти нова страница, бејби, качи се на сцената“, гласи текстот на песната. „Ми требаше нешто што ќе го одбележи тој период“, објасни таа во документарецот, додавајќи дека снимањето на серијата ѝ дало можност да се осврне на некои од клучните моменти во нејзиниот живот, вклучувајќи го и овој.
Сеќавање на првата борба со болеста
На Кајли Миног првпат ѝ беше дијагностициран рак на дојка во 2005 година. По лумпектомија и хемотерапија, во февруари 2006 година беше објавено дека ја победила болеста.
Во едно претходно интервју, таа се присети на моментот по нејзината прва дијагноза. „Се сеќавам дека ми беше дијагностициран, но светот сè уште не го знаеше тоа. Во тоа време бев со мојот брат и моето момче. Сите бевме во зашеметеност и отидовме во кафетерија. Келнерот дојде и праша: „Здраво, како си денес?“ Одговоривме некако роботски: „Добро, ви благодарам“, и во тој момент си помислив: „Навистина никогаш не знаете низ што поминува некој.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата