Имено, таа откри дека нејзината книга „Пегавата јаготка“ (Freckleface Strawberry) од 2007 година била забранета од Министерството за одбрана на САД во неодамнешната „чистка“ којашто опфаќа книги поврзани со расата, полот и сексуалноста, по извршната наредба на американскиот претседател Трамп.
„За мене е голем шок тоа што дознав дека мојата прва книга, 'Пегавата јаготка' е забранета од Администрацијата на Трамп во училиштата управувани од Министерството за одбрана. 'Пегавата јаготка' е полуавтобиографска приказна за седумгодишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот ќе научи да живее со нив кога ќе сфати дека е поинаква 'исто како и сите други',“ напиша глумицата на Инстаграм.
Мур е особено огорчена затоа што е „горд дипломец на Американското средно училиште во Франкфурт“, коешто некогаш функционирало во Германија, која пораснала со татко - ветеран од Виетнам кој ја минал својата кариера во Армијата на САД.
„Не можев да бидам погорда на него и неговата служба за нашата земја. За мене е грозно да сфатам дека децата како мене, кои растат со родител кој служел и посетуваат училиште на @dodea_edu (училишна програма за децата на американките воени лица, з.п.), нема да имаат пристап до книга напишана од некој чие животно искуство е толку слично на нивното. И не можам а да не се прашам што е толку контроверзно во оваа сликовница што предизвикува таа да биде забранета од Владата на САД. Навистина сум тажна и никогаш не сум помислила дека ќе го видам ова во земја каде слободата на говорот и изразувањето е уставно право“, додаде Мур.
Инаку, детската книгата „Пегавата јаготка“, според описот на авторката, е: „За мало девојче кое беше исто како и сите други. Таа имаше седум години. Беше ниска. Можеше да вози велосипед. Таа беше иста како и сите други, освен една работа. Имаше црвена коса. Но, и полошо... ПЕГИ!“
Министерството за одбрана претходно извести дека е во тек „преглед на усогласеноста“ на книгите коишто можеби содржат „радикална индоктринација“, во рамки на кампањата против трансексуално-инклузивната ДЕИ-доктрина во САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата