„Тие сакаат да ги сменам костимот, содржината на песната и кореографијата“
Ерика Викман на финските медиуми им објаснила што точно ѝ наложила ЕБУ. "Тоа не е само една работа. Сакаат да го сменам костимот, содржината на песната и кореографијата бидејќи мислат дека сето тоа е премногу сексуално. Сакаат да си го покријам задникот", рекла Викман.
„Целата сум премногу“
Таа потврди и дека дизајнирала нов костим за нејзиниот настап на Евровизија. „Проблемот го гледаат во тоа што мојот настап е премногу, но не сфаќаат дека целата јас сум премногу“, вели пејачката. Како ќе изгледа изменетиот настап ќе се знае за време на втората полуфинална вечер на Евровизија, кога Ерика Викман ќе ја изведе својата песна Ich Komme.
Инаку, финската претставничка привлече големо внимание со нејзината песна Ich Komme, која во превод значи Доаѓам. Според самата Викман, песната ја слави „радосната порака за задоволство, екстаза и состојби на транс“, а нејзините текстови отворено се однесуваат на сексуалното задоволство и кулминација. Некои музички критичари веќе ја опишаа како песна чија структура го следи протокот до оргазам.
Која е Ерика Викман?
Ерика Викман е родена на 20 февруари 1993 година во Тампере, а нејзиниот музички талент беше очигледен уште од раното детство. Таа пораснала во семејство на музичари - нејзината мајка била пејачка специјализирана за финско танго. Својата професионална кариера ја започна во 2013 година со учество во финската верзија на Суперстар, каде стигнала до финалето. Иако не победила, натпреварот ѝ ги отворил вратите на музичката индустрија.
После тоа, Викман се посветила на финското танго и во 2015 година се натпреваруваше на престижниот фестивал Тангомаркинат, освојувајќи го второто место. Веќе следната година таа се врати и победи, добивајќи ја титулата танго кралица на Финска. Оваа победа ѝ донесе голема популарност и договор со дискографската куќа Sony Music.
Од кралица на танго до поп дива
Иако ја започна својата кариера како изведувач на традиционално финско танго, Викман наскоро сакала да истражи други музички насоки. Нејзиниот сингл Ettei mee elämä hukkaan од 2017 година ја покажа нејзината склоност кон електропопот, но клучната пресвртница дојде во 2020 година со песната Cicciolina, со која се натпреваруваше на финскиот натпревар за песна на Евровизија - Uuden Musiikin Kilpailu (UMK).
Песната посветена на контроверзната политичарка и поранешна актерка од филмови за возрасни Илона Сталер, попозната како Чичолина, стана огромен хит во Финска. Викман со него целосно го трансформираше својот имиџ - од традиционална танго пејачка стана поп ѕвезда со провокативни изведби. Чичолина брзо беше прогласена за феминистичка химна и иако го освои второто место на УМК 2020 година, песната ги освои срцата на публиката и стана нејзин заштитен знак.
По овој успех, Викман продолжи да произведува хитови како Syntisten pöytä и Häpeä, а нејзиниот деби албум Erika Vikman, објавен во 2021 година, го достигна првото место на финските топ листи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата