Пејачот (74) се насмеал кога во емисијата CBS News Sunday Morning го прашале дали и понатаму стои на одлуката да не им го остави своето богатство на децата. Стинг потоа рекол дека отсекогаш сакал тие самите да го пронајдат својот пат во животот.
Стинг, чие вистинско име е Гордон Метју Томас Самнер, му објаснил на новинарот Марк Филипс дека смета дека да им се кажува на децата дека „не мора да работат“ е всушност „форма на злоставување за која се надевам дека никогаш нема да бидам виновен“, пишува People.
„Сите мои деца се благословени со исклучителна работна етика, без разлика дали тоа е во нивната ДНК или затоа што им зборував: 'Луѓе, мора да работите. Јас ги трошам нашите пари. Ви плаќам за школувањето. Имате обувки на нозете. Одете да работите'“, продолжил Стинг.
„Тоа не е сурово. Мислам дека во тоа има добрина и доверба во нив дека самите ќе го пронајдат својот пат. Моите деца се силни“, рекол тој. Кога Филипс го прашал дали неговите деца некогаш се фрустрираат поради таквиот став и бараат повеќе пари, тој одговорил: „Не, не во лице“.
Не сака да им го остави целото богатство на децата
Стинг и претходно, во интервју од 2014 година за Mail on Sunday, изјавил дека не сака да им го остави целото богатство на своите деца.
„Сигурно не сакам да им оставам фондови кои би им биле товар околу вратот. Мора да работат. Сите мои деца го знаат тоа и ретко нешто ми бараат, што навистина го почитувам и ценам“, истакнал тој. Додал дека би им помогнал ако „западнат во неволја“, но нагласил: „Имаат работна етика поради која сакаат да успеат со сопствен труд“.
Стинг има шест деца
Поранешниот фронтмен на бендот The Police беше во брак со актерката Френсис Томелти од 1976 до 1984 година, а заедно имаат две деца: синот Џо Самнер и ќерката Фушија Самнер.
Стинг се ожени со Труди Стајлер во август 1992 година, по десет години врска. Заедно имаат четири деца: Мајки Самнер, Џејк Самнер, Елиот Самнер и Џакомо Самнер.
„Моите деца се изразено самостојни“, рекол Стинг во интервју за People во 2020 година.
„Не седат и не чекаат нешто да им падне од небо, а јас не би сакал да им ја одземам таа животна авантура – самите да заработуваат за живот“. „Тоа е прекрасна, но и тешка работа. Ништо не сум им ветил. Секако дека ќе им помогнам ако бидат во проблем, но тие не чекаат подароци. Премногу се самостојни“, рекол музичарот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата