Хамфри ДеФорест Богарт, попознат како Боги, е роден на 25 декември 1899 година во Њујорк. Неговата актерска кариера и култниот статус во класичниот холивудски филм го направија еден од најпрепознатливите американски актери на сите времиња. Американскиот филмски институт во 1999 година го прогласи за најголема машка ѕвезда на класичниот американски филм, што само го потврдува неговиот неизбришлив белег во историјата на кинематографијата.
Почеток на кариерата и подемот кон ѕвездите
Актерската авантура на Богарт започнала на Бродвеј, каде што дебитирал во претставата The Dancing Town во 1928 година. Во текот на првите десет години во Холивуд најчесто толкувал споредни улоги, честопати играјќи гангстери.
Сепак, и во тие рани улоги покажувал исклучителен талент, што особено дошло до израз во филмот The Petrified Forest, каде што го толкувал опасниот бегалец Дјук Манти. Со улогата на гангстерот Хју „Бејби Фејс“ Мартин во филмот Dead End станал заштитно име на жанрот, но Хамфри сакал да се докаже и во поинакви улоги.
Вистинскиот пробив на сцената се случил во 1941 година со филмот High Sierra, а истата година Богарт блеснал и во насловната улога во филмот Малтешкиот сокол. Станува збор за ноар-филм на Џон Хјустон, со кој е втемелен имиџот на Богарт како циничен, но шармантен приватен детектив – лик што ќе го следи низ целата негова кариера. Неговата интерпретација на Сем Спејд набргу станала стандард.
Еден од најпознатите филмови во неговата кариера е Казабланка од 1942 година, во кој го толкувал ликот на Рик Блејн. Неговата изведба на овој сложен и емоционално воздржан лик останала запаметена како една од најголемите во историјата на филмот. Романтичната врска меѓу Рик и Илза, која ја игра Ингрид Бергман, често се прогласува за најголемата љубовна приказна на класичниот филм.

Зрело творечко доба и незаборавни улоги
Богарт продолжил да доминира на големото платно со улоги во ноар-филмови како The Big Sleep, каде што повторно го играл детективот. Во 1951 година го освоил Оскарот за најдобар актер за филмот Африканската кралица. И овој филм бил во режија на Џон Хјустон, а партнерка му била Кетрин Хепберн.
Неговите подоцнежни филмови, како Благо од Сиера Мадре и Побуна на бродот Кејн, го прикажале во улоги на емоционално сложени и морално предизвикувачки ликови. Снимал сè до 1956 година, а неговиот последен проект бил филмот The Harder They Fall.
Надвор од снимањето
Кога не работел, Богарт времето го поминувал едрејќи, што често го наведувал како главна терапија против холивудскиот стрес. Се женел трипати, а својата трета сопруга, Лорен Бекол, ја запознал на снимањето на филм во 1944 година. Тој имал 45 години, а таа 19.
И покрај разликата во годините, критичарите истакнувале дека парот има неверојатна хемија на екранот. Глумеле заедно во неколку филмови, а и надвор од филмското платно нивниот живот бил под будното око на медиумите. Биле еден од најславните парови на своето време.
Здравјето на Богарт почнало да се влошува во средината на 1950-тите години, кога му бил дијагностициран рак на хранопроводот. Починал на почетокот на 1957 година и бил погребан во Калифорнија. Лорен Бекол на неговиот гроб положила златна свирка со пораката: „Ако ти треба нешто, само свирни“. Пораката алудирала на нивната прва заедничка сцена во филм.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата