logo
logo
logo

Овации за македонските музичари и АНА И ИГОР ДУРЛОВСКИ во Златната сала на Музикферајн во срцето на Виена

Vecer | 30.10.2025

Овации за македонските музичари и АНА И ИГОР ДУРЛОВСКИ во Златната сала на Музикферајн во срцето на Виена

Во чест на својот 80-годишен јубилеј, оркестарот на Македонската филхармонија,  приреди исклучителна музичка вечер во Виена.

Во срцето на градот што со векови претставува синоним на културата, уметноста и класичната музика, македонските музичари одржаа извонреден концерт, кој ја претстави нашата музичка традиција во најдобро светло.

Концертот се одржа во престижната Златна сала на Музикферајн, еден од најпознатите и најценетите концертни храмови во светот, каде што настапуваат водечките светски оркестри и диригенти. Оркестарот на Македонската филхармонија на посетителите им понуди сеанса исполнета со страст и емоции, а нејзиното музичко совршенство беше повод за гордост и потврда на нејзиниот професионализам, квалитет и уметничка зрелост.

ЕВН Македонија, како долгогодишен поддржувач и промотор на културните иницијативи, го поддржа ова незаборавно музичко уживање, потврдувајќи ја својата посветеност кон развојот и промоцијата на културните вредности во меѓународни рамки. Поддршката на вакви настани е дел од континуираната посветеност на компанијата да инвестира во уметноста, образованието и културното наследство.

Виена, град во кој се роди и се негуваше класичната музика, уште од времето на Моцарт, Бетовен и Штраус, и претставува вистински симбол на европската музичка традиција, имаше прилика да ужива во настапот на солистите Ана и Игор Дурловски, под диригентство на Јерухам Шаровски. Овој музички перформанс, кој понуди внимателно одбран репертоар, обединувајќи дела од македонската и европската класична музика, ја импресионираше виенската публика, позната по својот префинет музички вкус. Изведбите на композициите на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски беа пречекани со долги аплаузи и стоечки овации од виенската публика, позната по својот префинет музички вкус.

Настапот во Виена е значаен момент во историјата на Македонската филхармонија и е потврда дека македонската уметност достојно го зазема своето место на европската и светската музичка мапа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk