logo
logo
logo

ГЛАМУР, ПОЛИТИКА И КОНТРОВЕРЗИИ: Премиерата на филмот „Меланија“ крева прашина

Vecer | 30.01.2026

ГЛАМУР, ПОЛИТИКА И КОНТРОВЕРЗИИ: Премиерата на филмот „Меланија“ крева прашина

Во пресрет на прикажувањето на филмот „Меланија“ во кината ширум светот и веќе присутните најави дека филмот е неисплатлив, се одржа и премиера во новоименуваниот Трамп–Кенеди центар. „Некои го нарекоа ова документарец. Не е“, им изјави првата дама на САД на присутните, кои беа внимателно одбрано друштво од членови на кабинетот, конзервативни инфлуенсери и други гости, пренесува CNN.

„Ова е креативно искуство кое нуди перспективи, увиди и моменти“, рече Меланија Трамп на премиерата во четвртокот. Филмот дебитира по повеќе од една година продукција, а Трамп потпишала договор вреден 40 милиони долари со Amazon MGM Studios, додека дури 35 милиони долари биле вложени само во маркетингот. Филмот, во траење од 104 минути, ја следи Меланија во текот на 20 дена пред втората инаугурација на нејзиниот сопруг Доналд Трамп.

Каде се децата?

Нејзиниот сопруг ја придружуваше на премиерата, додека насмеаната двојка се држеше за раце на симболично црниот тепих пред оперската куќа, кој бил дел од нејзината креативна визија. Иако беше собрана бројна елита, CNN пишува дека новинарите не биле поканети на проекцијата. Претседателот го рецензираше и филмот на својата сопруга, велејќи: „Првпат го гледав пред некоја вечер. Навистина е добар. Гламурозен, многу гламурозен. Ни треба малку гламур.“

Просторот бил целосно украсен со црно-бели фотографии од првата дама, а нејзиното име било испишано на прозорците и вратите во култната Сала на државите, покрај бронзената биста на Џон Ф. Кенеди, како и на постери и коктел-салвети.

Забележливо отсуство било поголемиот дел од децата на Трамп. Доналд Трамп Џуниор бил присутен, но Барон Трамп, 19-годишниот син кој го има со Меланија, не бил таму, ниту пак Иванка Трамп.

Меѓу присутните биле министерот за одбрана Пит Хегсет со сопругата, министерката за образование Линда Мекмејон во крзнен капут, министерката за земјоделство Брук Ролинс во јакна украсена со реси од мониста, д-р Мехмет Оз, администратор на Центрите за Medicare и Medicaid со своето семејство, вклучувајќи ја и ќерката инфлуенсерка Дафни Оз, потоа раперката Ники Минаж, која неодамна изјави дека е „најголем обожавател на Доналд Трамп“, Роберт Ф. Кенеди Џуниор и многу други.

Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, која беше критикувана поради начинот на кој постапувала во случајот со пукањето од страна на федералните полициски сили врз Алекс Прети во Минеаполис, не позираше на тепихот, но подоцна беше видена на проекцијата.

Протест и маркетиншка кампања

За време на проекцијата, пред центарот се одржуваше протест на неколку лица облечени во француски дворски костими, кои носеа и реквизити со главите на Џеф Безос и самата Меланија.

И покрај агресивната кампања и тврдењата од таборот на Трамп дека билетите се распродадени насекаде, бројките зборуваат поинаку. Според различни американски медиуми и објави на социјалните мрежи, се чини дека „Меланија“ не е ни приближно распродадена за првата недела од прикажувањето во кината. На прашањето на премиерата како го дефинира успехот на филмот, првата дама не ги истакна бројките од кино-благајните или статистиките за стриминг, бидејќи, според неа, самиот договор веќе бил победа. „Многу сум горда на филмот, па некому може да му се допадне, некому не, и тоа е нивен избор. Го постигнавме она што сакавме да го постигнеме. За мене, ова веќе е успех. Навистина сум горда на она што го направивме“, изјави таа.

Публиката ширум светот од денес, 30 јануари, ќе има можност да го погледне овој недокументарец.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk