ИАКО е познат по тоа што во видеата речиси и не зборува, Khaby Lame постигна неверојатен успех. Како една од најголемите ѕвезди на Тикток, тој заработува огромни суми од објави во кои без зборови реагира на разни ситуации.
Сега, се чини, се подготвува и за нов голем деловен потег – компанијата Rich Sparkle Holdings објави дека ја презема неговата компанија Step Distinctive Limited за 975 милиони долари (повеќе од 830 милиони евра), а сè наводно е директно поврзано со брендот на Lame, пишува LADbible.
Бренд што би можел да носи милијарди
Целта е да се изгради долгорочен бренд околу Khaby Lame кој, според проценките, би можел да носи и до 4 милијарди долари годишно. Со тоа, тој престанува да биде само тиктокер познат по гримасите – според договорот, треба да стане и „сопственик на контролниот пакет“, што целата приказна ја прави исклучително профитабилна и за него лично.
AI „дигитален близнак“
Дел од договорот вклучува и развој на AI „дигитален близнак“. Lame, како што се наведува, одобрил користење на биометриски податоци – препознавање лице, гласовен идентитет и модели на однесување за создавање AI двојник.
Со тоа се отвораат вратите за „повеќејазично производство на содржина во повеќе верзии“ и „виртуелна трговија во живо“ која би можела да се одвива за публика во сите временски зони. Накратко – целта е да се создаде AI верзија на Khaby Lame со цел дополнително да се монетизира неговиот бренд.
Зошто секогаш молчи?
Многумина се прашуваат зошто Lame не зборува во своите видеа. Уште во 2022 година тој изјави за CNN дека сакал неговите реакции да ја пренесат онаа неверица од типот „ајде бе“ – она што на интернет често се означува со кратенката „smh“. Lame, Сенегалец со италијански пасош, кој за време на пандемиските затворања останал без работа во фабрика, стана вирален благодарение на своите танци и видеа со реакции.
„Дојдов до таа идеја затоа што ги гледав тие видеа како кружат и ми се допадна идејата да им донесам малку едноставност“, рекол тој. „Гестот дојде случајно, но тишината не. Размислував како да допрам до што повеќе луѓе, а најдобриот начин беше да не зборувам.“
Тој додал: „Можеби затоа што моите фацијални експресии се смешни и ги насмејуваат луѓето – таа едноставност ги насмејува луѓето и јас го сакам тоа.“ Со оглед на тоа што не е познат по својот глас, многумина биле изненадени кога првпат го чуле како зборува.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата