Францускиот претседател Емануел Макрон го привлече вниманието на јавноста на Светскиот економски форум во Давос откако се појави со рефлектирачки пилотски очила за сонце со сини стакла.
На социјалните мрежи веднаш започнаа расправи зошто ги носи додека држи говор пред присутните, а дел од коментаторите забележаа дека не ги симнал ни за време на позирањето со други политичари.
Отечено и црвено око
Сепак, зад овој невообичаен потег не се криеше моден избор, туку, како што изгледа, здравствена причина. Неколку дена претходно, за време на новогодишното обраќање до припадниците на француските вооружени сили на југот од земјата, десното око на Макрон беше видливо црвено и отечено. Во таа прилика тој се извини поради, како што рече, „непријатниот изглед“ на окото и нагласи дека станува збор за „целосно безопасен“ здравствен проблем.

Ситуацијата се обиде да ја ублажи и со шега, споредувајќи го изгледот на окото со песната Eye of the Tiger, алудирајќи на решителност и борбен дух. И покрај тоа, неговата појава во Давос со очила поттикна низа коментари и нагаѓања.
Официјално не е потврдено дали очилата ги носел за да го заштити окото или исклучиво за да го прикрие неговиот изглед.
Говореше за заканите на Трамп
Во говорот во Давос, Макрон предупреди дека светот влегува во период на длабока нестабилност и дека се заканува „поместување кон свет без правила“, во кој меѓународното право сè почесто се „газИ“, а преовладува правото на посилниот. Тој оцени дека станува збор за „многу загрижувачко време“, притоа директно предупредувајќи на агресивната надворешна политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата